Препораките од Министерството за образование и наука за организирање на онлајн настава после дојави за бомби треба да бидат активни од денес откако во неколку училишта и суд пристигнаа нови мејлови со заканувачки пораки дека се поставени бомби, а учениците и персоналот беа евакуирани.
Учениците по евакуацијата имаат еден час да стигнат до дома и да се вклучат на онлајн настава според препораките на Министерството кое на таков начин смета дека ќе се реши проблемот со губењето на наставата.
Дописното писмо е пристигнато до сите училишта, а насоките од МОН преку порака стигнале и до родителите. Во пораката се бараше од нив да ги проверат профилите на своите деца на тимс платформата на која се следеше онлајн настава и за време на пандемијата со ковид-19.
На овие насоки родителите жестоко реагираа на социјалните мрежи. Најголем дел од нив сметаа дека е неизводливо да ги земат децата од училиште и да ги вклучат на онлајн настава затоа што некои деца учат во подалечни училишта.
Средношколците пак реагираа дека еден час им е премалку за да стигнат дома со јавниот превоз кој по проблемите со приватните превозници е редок.