Во Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир првпат по четири децении се реновирани двете гинеколошки операциони сали. Станува збор за реконструкција на простор со површина од 420 квадратни метри, со целосно реновирање на двете постојни гинеколошки оперативни сали и воведување централен довод на гасови, како и целосно реновирање на одделот за реанимација и интензивно лекување, во вредност од 86.061.823 денари.
„Значајна новина е и почнатата гасификација на котелот за парно греење во оваа јавна здравствена установа. Со години наназад, стариот котел беше загадувач во градот Скопје“, велат од Министерството за здравство.
Паралелно со активностите за реконструкција и обезбедувањето нова медицинска опрема, од Министерството велат дека во континуитет се врши и надополнување на кадарот и унапредување на експертизата на вработените. Во последните три години во болницата се примени вкупно 46 здравствени работници, од кои 11 доктори, 13 медицински сестри, пет акушерки и останат медицински и немедицински кадар. Исто така, се одобрени пет специјализации, две од областа на анестезиологија и по една за медицинска биохемија, болничка педијатрија и гинекологија и акушерство.
Од Министерството нагласуваат дека и во услови на пандемија со Ковид-19 продолжува унапредувањето на условите во сите јавно-здравствени установи.