По 20 години во администрација заврши со апсење – кој е Јахиу, партискиот челник од ДУИ

Од:

ДУИ ќе стои настрана и нема да се меша во случајот со Јахи Јахиу, државниот секретар од редовите на партијата во Министерството за информатичко општество кој утринава беше приведен поради сомнежи за примање поткуп при избор на фирма за спроведување на проект финансиран од ИПА фондовите. Обвинителството за Јахиу побара тој да биде притворен.

„Ќе оставиме обвинителството да го реши случајот. Доколку одреден функционер се огрешил пред законот, ќе подлежи на одговорност доколку тој е виновен. ДУИ веќе соопшти дека стои на располагање да се утврди дали наши функционери биле инволвирани во корупција и нема да штедиме и фаворизираме никој“, велат од ДУИ за „А1он“.

Јахиу е еден од челниците во партијата, дел од владејачката коалиција и важи за близок човек до министерот за животна средина Садула Дураку. Тој, според нашите информации, со години одработува на терен за сите изборни циклуси, особено во општина Липково, каде што два мандати градоначалник беше Дураку. За изборните резултати каде што Липково со години го држи ДУИ, Јахиу котира високо во партијата и цели осум години останува недопрен од функцијата државен секретар во Министерството за информатичко општество и администрација.

За малкумина е познато дека Јахиу во помладите години бил во редовите на ОНА, за што има објавено фотографија на која се гледа дека носи униформа на ОНА.

Јахиу (лево) има фотографија на неговиот профил на Фејсбук од 2001 година во униформа на ОНА

Пријателството со Дураку најверојатно почнало во 2001-година кога актуелниот министер тогаш беше водечки командат за кумановско-липковскиот регион, а меѓу народот беше познат и под надимакот „командант Вентили“, бидејќи за време на воениот конфликт ги затвори вентилите на езерото Глажња, од каде со вода се снабдуваа Куманово и Липково.

Во биографијата на Јахиу стои дека во Агенцијата за администрација работи уште од 2000 година како советник за односи со јавност, односно веднаш по завршувањето на студиите по новинарство Тирана. Според извори на А1он, тогаш Јахиу бил близок до Насер Зибери, кој пак во тоа време бил пратеник од редовите на ПДП.

На функцијата државен советник тој доаѓа во 2011 година, кога министер е Иво Ивановски од ВМРО-ДПМНЕ, односно дел од владиниот состав на тогашниот премиер Никола Груевски.

Јахи Јахиу и Иво Ивановски во 2011 година

Функцијата на Јахиу не зависи од политичките турбуленции во годините што следат – тој ги преживува и следните избори, Пржинскиот договор и формирањето на владата на Заев-Ахмети. Најверојатно за добрите партиски заслуги и близината со челниците на партијата, тој останува државен советник и во министерувањето на Дамјан Манчевски.

Јахиу (лево) со министерите за информатичко општество и за финансии, Дамјан Манчевски и Драган Тевдовски

За сите овие години, според имотот што тој го пријавил во Антикорупциската, Јахиу пријавил дека има две куќи со двор во село Оризаре кои го стекнал по пат на наследство кои вредат околу 100 илјади евра. Тој има две возила кои вредат околу 10 илјади евра, а заштедил и 776 фунти на девизна и 420.000 денари на денарската штедна книшка.

Нејасно останува избивањето на аферата токму во овој момент, но извесно е дека ДУИ, нема, или барем не јавно, да застане и да го брани својот партиски челник. Јахиу е уапсен за проневера на пари од 2014-2015 кога на власт е ВМРО-ДПМНЕ. Нејасно е зошто Јахија се апси за дело сторено пред четири години и дали толку време му било потребно на обвинителството да собере докази.Според информациите од обвинителството, тој се сомничи за злоупотреба на службената положба и овластувања, земање провизија од добиен тендер од десетици илјади евра, пари од европски ИПА фондови.

Габриела Димковиќ Мишевска

Би можело да ве интересира

Полициска акција: специјалци апсат во скопски Аеродром

Катерина Ѓуровски

Телефонски измами: МВР апелира да не се даваат лозинки и лични податоци

Кривични за 12 македонски државјани и 1 странец за криумчарење луксузни возила, фалсификување исправи и злоупотреба на службена положба

А1он

Пронајдени десет мигранти во две возила на преминот „Богородица“

Горан Наумовски

Десет претреси кај 10 лица на повеќе локации во Скопје, Неготино, Дојран и Битола

Горан Наумовски

Маж издавал службена полициска тајна, за него нема мерка притвор