Казни од по 2.000 евра за адвокатите Дончо Наков, Мерџан Даути и Боро Тасевски зашто утрово не се појавија на судењето за случајот „ТНТ“.
Судот им бара адвокат по службена должност на четворица обвинети. Во судницата адвокати имаат само Миле Јанакиески, Никола Груевски, и уште еден обвинет.
Синоќа адвокатот Тасевски го откажа полномоштвото на ексградоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски, затоа што не му било посочено дека денеска ќе има рочиште.
Судијата Ставрев и обвинителот Бурим Рустеми рекоа дека денешното бојкотирање на адвокатите значи одолговлекување на постапката, која во овој предмет се прави од претходниот месец.
Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на тогашниот политички противник Фијат Цаноски. СЈО тврди дека со постапката на уривање е предизвикана штета од 16 милиони евра, а доплнително на буџетот на општина Гази Баба уште три милиони денари. Цаноски и фирмата ФИМЕТ најавија дека ќе барааат отштета.
Обвинети се експремиерот Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, ексградоначалникот Тони Трајковски, како и Елизабета Најдовска, Насер Алев, Марика Зафировска и Александра Димитриева. Предметот е во доказна постапка и преостанаа уште двајца сведоци и сослушување на обвинетите.