Членките на Платформата за родова еднаквост бараат медикаментозниот абортус освен на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, да биде достапна здравствена услуга и во болниците во другите градови низ земјата, да се осигури регистрација на лековите за него, за да се обезбеди негова примена како на болничко ниво, така и во гинеколошките ординации на примарно здравствено ниво.
Медикаментозниот абортус, соопштија од Платформата, во моментов е достапен само во една здравствена институција и како последица на тоа девојките и жените кои живеат надвор од Скопје немаат можност да изберат како ќе ја прекинат бременоста, што значително ја ограничува нивната репродуктивна слобода.
– Првите сознанија од досегашната примена на медикаментозниот абортус кај нас покажуваат дека над 90 отсто од жените се задоволни од оваа здравствена услуга и дека замената на хируршката интервенција и на анестезијата со лекови придонесува да се чувствуваат побезбедно и подостоинствено. Од друга страна, поради постојните мерки на заштита од Kовид-19, болниците располагаат со намален број на слободни ординации, па дел од жените кои сакале да направат абортус во различни здравствени установи низ земјата, се соочиле со услови во кои приватноста им била нарушена и со несензитивен однос од здравствените работници, информираат од Платформата.
Поради сензитивноста на самата здравствена услуга, тие апелираат до здравствените установи да го гарантираат правото на приватност и на доверливост на жените кои се одлучиле да направат абортус, а здравствените работници да си ја вршат работата професионално, покажувајќи високо ниво на грижа и емпатија кон пациентките.