Плакета за придонес во унапредувањето на безбедноста на сообраќајот и поддршка во спроведувањето на Националната стратегија за нула деца – жртви во сообраќајот денеска претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Никола Ангеловски му врачи на претседателот Ѓорге Иванов.
– Вашето ангажирање за унапредување на безбедноста на сообраќајот и намалување на бројот на деца – жртви во склад со Националната стратегија дава соодветни резултати и бројот на деца жртви секоја година е се помал, истакна Ангеловски при доделувањето на Плакетата.
Претставниците на РСБСП го информираа претседателот Иванов за нивните активности, согласно препораките на Обединетите нации, со цел подигнување на јавната свест за безбедноста на сообраќајот.
Тој истакна дека безбедноста во сообраќајот е прашање од огромна важност за секого и неопходност што постојано треба да се унапредува и актуелизира.
– Подигнувањето на општата јавна свест за низата одговорности на секој поединец во сообраќајот, е задача исправена пред сите нас, која бара вклучување на сите релевантни фактори, потенцираше претседателот Иванов.
Притоа тој изрази поддршка на активностите на Републичкиот совет и на создавањето на ефикасен систем за едукација на децата за одговорно и безбедно функционирање во сообраќајот.