Казните за обвинетиот Никола Груевски и Сашо Мијалков за случајот „Плацови на Водно“ се ниски. Ова е ставот на обвинителката Лиле Стефанова која го водеше случајот. Таа вели дека за нејзе од особена важност е конфискацијата на имотот и додаде: „Трите луксузни станови во ‘Панорама резиденс’, двата стана на Бихакќа во кои живеел Груевски, а сега живее неговото семејство, градежното неизградено земјиште на Водно од 2700 метри квадратни, имотот во Крушево и земјиштето кое беше конфискувано во моментот според пазарната вредност вредат околу три милиони евра“.
„Со пресудата целосно се потврди тезата на Обвинителството дека обвинетиот Никола Груевски и останатите обвинети го сториле кривичното дело перење пари, а Груевски и делото противправно стекнување и прикривање имот. Сметам дека Обвинителството во овој случај понуди и беа изведени квалитетни докази од кои во целост се докажа диспозитивот на обвинителниот акт. Во однос на Никола Груевски се покажа дека додека бил премиер, дејствувал коруптивно, стекнувал имот чие потекло го прикривал, не го пријавил во својот анкетен лист. А исто така се докажа и во целост дека во 2012 година, преку фирми, оф-шор компании со сложена шема, која денеска судот целосно ја образложи, за себе купил имот во Македонија со незаконски парични средства“, кажа Стефанова.
Обвинителката посочи дека дел од казните се правилно одмерени, а за дел, по писмената пресуда, ќе се одлучи дали ќе има жалби.
„Овде мислам за казните спрема Никола Груевски и Сашо Мијалков. Барам поголеми казни. Сметам дека за обвинетиот Никола Груевски за кривично дело за кое е предвидена казна затвор од една до 10 години, казната затвор од пет години е ниско определена. За сето тоа ќе се произнесеме откако ќе ја добиеме пресудата“, додаде Стефанова.