По домашниот притвор на Владимир Талески поради тоа што се сомничи дека правел криминал со превоз на ученици, пратеникот Васил Пишев побара СЈО да влезе во Општина Струмица и да провери дали Зоран Заев правел таков криминал.
СДСМ и Заев се фатени во офсајд, негираат дека фирмата „Тритерол“ склучила договор за јавна набавка, тие одат против документите кои сами ги изготвуваат и склучуваат, истакна денеска на прес-конференција пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Васил Пишев.
– Договорен орган е Општина Струмица, со која раководи градоначалникот Зоран Заев. Предмет на договорот е превоз на ученици во учебната 2014-2015 година, превоз на деца со посебни потреби во ООУ „Сандо Масев“ и ваработените во администрацијата на Струмица. Опис на делото на набавката која ја остварува фирмата „Тритерол“ се релации за превоз на ученици од Рич, Попчево, Раборци, Струмица, ООУ „ Маршал Тито“ и обратно. Имено носителот на јавна набавка е Друштвото за трговија и услуги увиоз извоз „Тритерол“ од Струмица. Општина Струмица лаже, но документите не лажат, рече Пишев.
Поскандалозно е, како што рече, цената која ја плаќала Струмица за превоз на ученици – двојно повисока од онаа во Битола.
– Проценетата вредност на договорот е 1.864.800 денари. Вториот скандал кој е поголем е цената по која се врши превозот. За релацијата Рич – Попчево – Раборци – Струмица, Општина Струмица има склучено договор и со фирмата „Струмица експрес“. За истите дестинации, со исто километри, за „Струмица експрес“ цената по ученик е 103 денари, а за „Тритерол“ е значително повеќе, однсоно 126 денари. Тука очигледно има фаворизирање на оваа фирма. Вредноста на договорите со „Струмица експрес“ е 510.300 денари, а за „Тритерол“ 612.905 денари. Тоа е скоро двапати повеќе од просечната цена за превоз на ученици во Битола, рече Пишев.
Тој праша дали сега Специјалното јавно обвинителство ќе побара притвор за Заев.
– Просечната цена по километар која ја плаќа Струмица за превоз, а за која постои сомнеж дека дел не се остварува, е 7,3 денари, а во Битола, каде СДСМ брутално го скандализираше бесплатниот превоз и преку својот инструмент СЈО врши политичка хајка врз градоначалникот Талески, просечната цена за превоз е 4,2 денари или за скоро двапати поевтино од Струмица, истакна Пишев.
Побара СЈО и сите други институции да влезат во Општина Струмица и да го испитаат случајот, истовремено побара одговор од Општината каде одат парите, која е компанијата „Тритерол“, зошто струмичани, како што рече, плаќаат двојно поскап превоз.
Инаку вчера на наводите на пратеникот Пишев реагираше Општина Струмица, која соопшти дека фирмата „Тритерол“ воопшто не учествувала на тендерот.