Петровска: Северна Македонија е препознатлив сојузник кој инвестира во одбраната и ги зацврстува вредностите на НАТО

Од:

НАТО е одбранбена Алијанса и ние не претставуваме закана за никој, но сме единствени и обединети во нашата непоколеблива заложба да ги одбраниме нашите сојузнички земји со над една милијарда луѓе, изјави денеска во Брисел министерката за одбрана Славјанка Петровска во обраќањето на состаноците на Северноатлантскиот совет, што се одржува на ниво министри за одбрана.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, на заседанието на Советот во две сесии се разговараше за трансатлантското единство, плановите за одбрана и одвраќање, зголемените инвестиции во одбраната и сојузничката поддршка за Украина.

– Северна Македонија е една од 18-те сојузнички земји кои го исполнија заеднички договорениот критериум за инвестирање на најмалку 2 отсто од бруто домашниот производ за одбраната. Оваа година 2,05 проценти од македонскиот БДП или 327 милиони евра ќе бидат инвестирани во одбраната, а од нив речиси една третина се наменети за модернизација и опремување со што се исполнува и вториот критериум НАТО, истакна Петровска.

Таа посочи дека македонската Армија минува низ значаен процес на модернизација и опремување што ја зацврстува националната, но и колективната одбрана на НАТО.

Петровска потенцира дека припадници на Армијата на Република Северна Македонија даваат свој личен печат во зацврстувањето на колективната безбедност, одбрана и одвраќање, преку учеството во мултинационалните сили на НАТО во Летонија, Романија и Бугарија.

На состанокот стана збор и за подготовките на Самитот на НАТО што во јули годинава ќе се одржи во американскиот главен град Вашингтон, со што ќе биде одбележана и 75-годишнината од основањето на Алијансата во 1949 година, како штит против агресија и најуспешен сојуз во историјата на човештвото базиран на силна трансатлантска врска помеѓу Европа и Северна Америка и заложба за заедничка колективна одбрана.

Заедно со останатите министри за одбрана на земјите членки учеснички на заседанието, Петровска изрази очекување дека на Самитот во Вашингтон како рамноправна членка на НАТО, ќе учествува и Шведска, која е во постапка на зачленување и во очекување на ратификација на договорот за нејзиното членство од страна на унгарскиот Парламент.

Во рамки на министерскиот состанок се одржа и средба на Советот НАТО-Украина, на која министерката Петровска ја реафирмираше поддршката од земјава за Киев, посочувајќи дека оваа држава има право да ги одбрани својата сувереност и територијален интегритет.

– Од самиот почеток бевме јасни за нашиот став – руската агресија го крши меѓународното право и поредокот базиран на правила и принципи. Досега донесовме 12 одлуки за воена и хуманитарна помош, во земјата се обучуваа припадници на украинската Армија и оваа поддршка ќе продолжи и во иднина, истакна Петровска.

На маргините на заседанието на Северноатлантскиот совет, Петровска заедно со министрите за одбрана на 13 сојузнички земји, меѓу кои и Германија, Франција, Норвешка, Турција, Холандија, Полска, Данска, како и Шведска, под покровителство на Обединетото Кралство, потпиша Писмо за намери за „Зголемување на производствените капацитети на муниција и индустриска отпорност“ преку Мултинационалната иницијатива за набавки на НАТО.

Целта на оваа Иницијатива е унапредување на соработката со индустријата за обезбедување на повеќегодишна мултинационална набавка на муниција, како и постигнување на зголемена интероперативност и намалување на трошоците за земјите учеснички во Иницијативата.

Би можело да ве интересира

Набавката на хеликоптери од компанијата „Леонардо“ ќе чини 249,9 милиони евра, информира Петровска

Предраг Петровиќ

Петровска: Судот пресуди, Ковачки неправедно ме клеветел, пари од нечесник не сакам

Петровска: Има разногласие во ВМРО – ДПМНЕ за набавката на хеликоптерите

Петровска верува во исправната одлука на тимот за купување на осумте хеликоптери од „Леонардо“

Горан Наумовски

Сомнителна руска фирма се обидела да влезе на тендер за набавка на специфична опрема во Министерството за одбрана

Горан Наумовски

Тренчевска: Моите колешки министерки, вистинска поддршка за сите жени