Претседателот Стево Пендаровски за време на посетата на САД по повод неговото учество на 76. Генерално собрание на Обединетите нации, во Њујорк имаше средба со претставници на Американско-еврејскиот комитет.
Претседателот Пендаровски изрази задоволство од билатералните односи на Северна Македонија со САД и со Израел, на кои нашата земја придава големо значење и притоа го изрази постојаниот интерес за понатамошна промоција и зајакнување на односите во сите области од заеднички интерес со двете држави, соопшти кабинетот на шефот на државата.
На средбата Пендаровски ја нагласи важноста од одржување редовни контакти со израелските колеги, како и со претставниците на Американско-еврејскиот комитет, Светскиот еврејски конгрес, Еврејската агенција и преживеаните од холокаустот.
Во тој контекст, претседателот изрази очекување дека одличното ниво на дијалог, соработка и меѓусебно почитување и разбирање со Американско-еврејскиот комитет во наредниот период ќе продолжи со истата динамика. Тој изрази и уверување за уште поплодна соработка во сите области од заеднички интерес, имајќи ги предвид истите заложби за мир, демократија и просперитет на глобално ниво.
Претседателот Пендаровски, нагласувајќи ја важноста што Северна Македонија ја придава на Еврејската заедница во нашата држава подвлече дека Меморијалниот центар на Холокаустот во Скопје спроведува долгорочна мисија за промоција, едукација и истражување за сеќавањето на Холокаустот во насока на борба против опасностите од секаков вид нетолеранција, шовинизам и антисемитизам, а со цел изградба на општество во кое се негуваат и целосно се почитуваат етничката и верската разноликост.