Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими амбасадорката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Рејчел Галовеј и првиот советник во Амбасадата на Република Франција, Станислас Мрозек.
Како што соопшти Кабинетот на Претседателот, соговорниците изразија задоволство од развојот на севкупните односи меѓу трите држави, коишто се карактеризираат со пријателство, меѓусебна доверба и партнерство.
Претседателот Пендаровски се заблагодари истовремено за британската и за француската поддршка во справувањето со последиците од пандемијата на КОВИД-19.
– Амбасадорката Галовеј и првиот советник Мрозек на средбата му врачија на претседателот Пендаровски и покана за учество на онлајн-настан посветен на климатските промени, на кој ко-домаќини ќе бидат генералниот секретар на ООН, премиерот на Обединетото Кралство, како и претседателот на Република Франција. Претседателот Пендаровски го прифати и потврди своето учество на настанот, кој ќе се одржи во декември годинава, една година пред одржувањето на Самитот за климатски промени на ОН којшто ќе се одржи во Глазгов, Обединетото Кралство, се наведува во соопштението од Кабинетот на Пендаровски.