Северна Македонија и Турција, како сојузници во НАТО, делат исти погледи во однос на зачувувањето на мирот и стабилноста во регионот, констатирале на денешната средба во Скопје претседателот Стево Пендаровски и претседателот на Големото национално собрание на Република Турција, Мустафа Шентоп.
На средбата, како што соопшти Кабинетот на Пендаровски, биле разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Република Турција, при што беше оценето дека тие се развиваат во духот на традиционално пријателство и партнерство, преку соработка во сите сфери од заемен интерес и преку реализација на средби на највисоко ниво.
Двајцата соговорници изразиле очекување за натамошно продлабочување на билатералните односи меѓу двете држави, вклучувајќи ја и меѓупарламентарната соработка.
На средбата станало збор и за актуелните состојби во двете држави, како и за состојбите во регионот.
Претходно, претседателот на Големото национално собрание на Република Турција беше пречекан со високи државни и воени почести пред законодавниот дом, имаше средба со неговиот домаќин Талат Џафери и се обрати и пред пратениците во Собранието.