Пендаровски: Регионалните иницијативи да бидат комплементарни со европските интеграции

Од:

Пролонгирањето на евроинтеграциите, од различни причини, практично на сите западнобалкански држави, го разниша кредибилитетот на Европската Унија. Блокирањето од земја членка кон земја кандидат за членство од чисто билатерални причини, кои при тоа излегуваат надвор од Копенхашките критериуми, објективно го компромитира проширувањето, кое со право беше сметано за најдобра надворешна политика на Унијата. Сето тоа придонесува за растечкиот евроскептицизам во регионот, но, во исто време и за преобмислување на оваа политика на проширување во Брисел. Таквата состојба, според мене, беше главниот мотив за појавата на новата регионална иницијатива – Отворен Балкан, но и на новата методологија за преговори, како и на новиот европски форум, наречен – Европска политичка заедница.

Ова го истакна претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање на панелот „Регионалните иницијативи и европската интеграција“, што се одржа денеска во МНР во организација на Дипломатскиот клуб – Скопје и Универзитетот Американ колеџ Скопје (УАКС), по повод Денот на македонската дипломатија 29 април.

Според Пендаровски, инаугурирањето на овие иницијативи беше причината поради која што некои кругови и во регионот и надвор од него го поставија прашањето – дали овој најнов бран на регионални организации, од нужда, постепено стануваат неформална алтернатива на европските интеграции.

– Логиката на европските регионални иницијативи е, во суштина да бидат комплементарни со европските интеграции, а не нивна алтернатива. Еве неколку примери. Да почнеме со постарите континентални иницијативи: до година Бенелукс ќе наврши 80 години од основањето. Иако и Белгија и Холандија и Луксембург се седишта на некои од клучните европски институции, тие и понатаму одржуваат редовни самити, имаат постојани органи, накратко, имаат плодна трилатерална соработка. Слично е и со Нордискиот совет што цели седум децении ги поврзува членките. За да одговорат на геополитичките промени што настанаа со крајот на Студената војна, балтичките држави во 1992 година го формираа Балтичкиот совет. Иако денес само Исланд и Норвешка, по своја волја, не се членки на Европската Унија, Балтичкиот совет функционира со силен фокус на регионалниот идентитет, регионалната стабилност и одржливиот развој, рече тој.

Пендаровски оцени дека практичното искуство на сите овие регионални форуми покажува дека членството во Унијата не го исцрпува потенцијалот за регионалната соработка и дека постојат прашања што најприродно и најефикасно можат да бидат адресирани во регионални рамки и затоа, ниту една од овие регионални иницијативи не престана да функционира со интегрирањето на сите или на дел од нивните членки во Унијата.

Тој истакна дека поради турбулентното минато, на Балканот имаме поразлично искуство со регионалната соработка и оти концептот на т.н. „нов регионализам“ кај нас, не само што пристигна релативно доцна, туку имаше предоминантно безбедносна димензија поради крвавиот распад на Југославија.

– Главна цел и на Пактот за стабилност и на Процесот за соработка во Југоисточна Европа беше да придонесат за градењето на доверба и помирување меѓу државите. Сепак, отворените билатерални прашања, дел од нив и територијални спорови, го одржуваат амбиентот на недоверба што не придонесува за подобра и подиверзифицирана соработка. Стагнацијата во процесот на проширување на ЕУ придонесе за дополнително делумно затворање на регионалните држави во своите национални граници и своевиден регионален изолационизам, оцени претседателот.

Тој потсети дека пред десет години, поради недостигот на фокус од Брисел, а со цел да го вратат вниманието врз интеграцијата на регионот, Словенија и Хрватска го иницираа Процесот Брдо-Бриони, најавувајќи дека годинава, на почетокот од втората декада од неговото постоење, ние ќе бидеме домаќини на Процесот, што ќе биде прилика да истакнеме дека во услови на војна во Европа, повеќе од кога било порано, процесот на проширување на ЕУ станува, пред сè, геополитичко и геостратешко прашање.

– Имајќи го предвид сево ова, се поставува прашањето: кога регионалната соработка е вистински комплементарна на европските интеграции, или поинаку кажано, што регионалната соработка не треба да биде за државите да имаат интерес да бидат дел од неа? Прво, треба да кажеме дека по зачленувањето во Унијата, дел од земјите почнаа да го губат интересот за регионалните иницијативи кои ги разбираа само како предворје на интеграциите што доведе до пасивизација и губење на нивната виталност. Затоа е потребен јасен политички став на сите инволвирани, независно дали се членки или не, и пред и по нивното членство, дека регионалната соработка е дел од европските интеграции, нагласи Пендаровски.

Тој оцени дека за да биде во функција на европските интеграции, регионалната соработка треба да понуди инклузивност, наместо екслузивност.

– Неспорен факт е дека Отворен Балкан беше инициран како автохтона иницијатива во ситуација кога ЕУ беше дефокусиран од Западниот Балкан. Идејата беше дека во време кога во Брисел се бават со својата внатрешна трансформација, т.н. продлабочување на Унијата, или со други региони во светот, ние треба да иницираме интрарегионална соработка. Меѓутоа, структурна слабост на „Отворен Балкан“ во овој момент е што не ги вклучува сите шест држави, затоа сум убеден дека со вклучување и на останатите три држави од регионот, иницијативата може само да добие на квалитет, рече тој.

Трето, продолжи Пендаровски, сите фази од интеграцијата треба да имаат однапред дефинирани временски рамки.

– Од ова Брисел бега постојано. Колку подолго сте во чекалната на ЕУ, толку е поголемо искушението да се бараат алтернативи или да прифатите некаква замена за полноправно членство. Нам ни е нужна не само економска, туку и политичка интеграција и усвојување на демократските стандарди и вредности. Само во тој контекст ја гледаме и прифаќаме Европската политичка заедница, не како компензација за членство, туку како дополнителен инструмент што ќе помогне за побрзи интеграции и поголема соработка, разбирање и единство во Европа за стратешките прашања, нагласи тој.

Тој укажа и на реалната опасност од удвојување на ресурсите кои не се неограничени ниту во Брисел, ниту на Западниот Балкан, потсетувајќи дека во 2014, на иницијатива на тогашната канцеларка на Германија, започна Берлинскиот процес со цел да помогне кон менување на перцепцијата за Балканот како простор на проблеми, поделби и конфликти и оти неговата замисла беше да придонесе за позиционирање на Западниот Балкан во кругот на држави и народи кои живеат во уредени, економски и просперитетни општества, во интензивна меѓусебна соработка.

Тој оцени дека Берлинскиот процес ги има сите предуслови да ја има улогата на т.н. чадор регионална организација, со која што останатите регионални иницијативи ќе бидат во синергија – има структури и институции, има ресурси, со тоа што ќе треба да ја возобнови енергијата и ентузијазмот кои ги поседуваше на почетокот.

Пендаровски заклучи дека ако се правилно поставени и разбрани, регионалните иницијативи нема да бидат алтернатива, туку, ќе бидат во функција на европските интеграции.

– Исто така, успешните регионални иницијативи не згаснуваат со интеграцијата на нејзините членки во Европската Унија, туку стануваат составен дел од мрежата на соработка и пријателство меѓу државите и народите во рамките на проектот на Обединета Европа, рече Пендаровски во обраќањето.

Заменик-министерката за надворешни работи Фатмире Исаки истакна дека имајќи ја предвид потребата од продлабочување на добрите соседски соработки и зајакнување на регионалната безбедност, Северна Македонија е целосно посветена на регионална интеграција преку политички, економски и безбедносни иницијативи и целосно ги поддржуваме идните економски интеграции во ЕУ.

– Регионот покажува дека ние успеваме да научиме од лекциите и од предизвиците како можности да растеме понатаму согласно новите околности. Исто така сме насочени кон тоа да ги подготвиме нашите општества да бидат подготвени за следните предизвици. Сите нови иницијативи се градат на тоа како да бидеме уште поуспешни, сите регионални партнери создаваат добар пристап за тоа на кој начин добрата координација помеѓу различните партнери во регионот може да доведе до позитивен ефект во регионот, рече Исаки.

Северна Македонија, потсети Исаки, даде активен придонес за надминување на политичките потешкотии што доведе до потпишување на трите договори за мобилност, во рамки на заедничкиот регионален пазар, што овозможи слободно движење на граѓаните, признавање на академските и професионалните квалификации, како подготовка за постепено интегрирање во единствениот пазар на ЕУ.

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ: Лажната скромност на Пендаровски, кажа дека не сака канцеларија, за ден потоа експресно да побара

ВМРО-ДПМНЕ: Лицемерие е кога партијата на Заев кој зборуваше за еден народ во две држави и Пендаровски кој праќаше поздрави на “љубави”, да глуми загриженост

Ќе користи ли Пендаровски доживотна пензија? Што му следува по престанокот на функцијата на 12 мај

A1on

Инаугурацијата на новиот претседател треба да биде најдоцна на 12 мај, кога истекува мандатот на Пендаровски

Пендаровски го призна поразот: Резултатите се јасни, но мојата совест е мирна

Анита Петровска Рајковиќ

(ВИДЕО) Пендаровски: Очекувам дека изборите ќе завршат во мирна атмосфера како што доликува на демократско општество

Горан Наумовски