Кандидатот за претседател Стево Пендаровски ја прифатил поканата на националниот јавен сервис за учество на дебата со сите противкандидати во претседателската трка, соопштија од тимот за комуникации „За нашиот претседател Стево“.
-Решив да ја прифатам поканата за заедничка дебата на националниот јавен сервис – Македонска радио телевизија, со оглед на тоа дека сите мои противкандидати ја прифатиле поканата да учествуваат во дебатата, истакнал Пендаровски.
Дополнително, додава Пендаровски, информирам дека останувам на претходно изнесениот став дека е потребно да се расветли случајот во кој имаше јавно изнесени индиции дека јавниот сервис бил користен за изработка на лажни анкети и дебати за рејтингот на политичките партии и кандидатите за претседатели, а со тоа и фабрикување на јавното мислење.
-Останувајќи доследен на принципот на транспарентноста за мојата работа и како претседател и како кандидат за претседател во тековната кампања, ја информирам јавноста за овие прашања за кои имаше интерес изминатите денови, изјавил Пендаровски, стои во соопштението.