Пендаровски: Потребен ни е нов, широк национален и државен консензус за развој поддржан од власта и опозицијата

Од:

Големите прашања и дилеми од раните 1990-ти кога ја стекнувавме независноста, денес, не се повеќе на дневниот ред. Најголемиот наш национален проект, создавањето на сопствена, независна држава е завршен. Членството во речиси сите за нас битни меѓународни организации, исто така, со влезот во Северно атлантската алијанса како круна на децениските напори да обезбедиме гаранција за територијалниот интегритет. Можеме да ја продолжиме нарацијата за историски губитници, поделено национално ткиво, народ историски онеправдан, ембарга и санкции, за Лисабонската декларација, за условите да станеме членки на Обединетите нации со услов каков што реално не бил поставен пред никого претходно, но, сето тоа припаѓа на архивите на историјата.

Ова го истакна претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на свечениот научен собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941-1991/1991-2021 година”, кој се одрува во органзиација на МАНУ под негово покровителство.

-Држава направивме и неа нема да ја изгубиме, но, воопшто не е неважно во каква држава живееме, односно, дали во таква држава ќе сакаат да живеат нашите деца и внуци. Да илустрирам – во светот постојат територии кои ги нарекуваат држави каде што власта само со употреба на сила го држи населението да не ја напушти сопствената татковина и десетици други каде што владее таква бесперспективност што ги тера младите генерации да ја планираат својата иднина било каде во светот, само не дома. Ако сакаме и по 30 или 50 години да кажеме дека имаме држава со сите нишани, треба да најдеме решение за актуелните проблеми, а не за 1903, 1941 или 1991-та. Само на таков начин ќе опстанеме во новиот свет кој се раѓа пред нашите очи, потенцира Пендаровски.

Според него, нашите денешни главни предизвици се во најголем дел, структурно поинакви, меѓутоа, не се помали по тежина и по значење од оние во 1990-тите. Ги класификуваше во три групи – старите предизвици кои за нас ќе бидат актуелни и по 50 години, имајќи ја во предвид внатрешната структура на нашето општество, во втората се за нас сеуште нови, а за светот стари проблеми кои со нив се бави со децении, и во последната ги постави новите појави и закани и за нас и за светот, иако, вели, и тука, за жал, светот оди понапред многу побрзо од нас.

-Во овие триесет години сите имавме прилика да сведочиме дека опстојот и просперитетот на независната македонска држава, во голема мерка, зависат од внатрешната инклузивност на сите етнички заедници. Во тој дел, реално е направен огромен исчекор со Рамковниот договор кој наспроти предвидувањата не ја растури државата, напротив, драстично го намали потенцијалот на екстремните структури кои сакаат нови граници на Балканот. 20 години подоцна, според мене, дојдено е времето за промена на парадигмите во однос на принципот на инклузивност и тоа по две линии кои не се запишани во договорот од Охрид – првата, етничката припадност да не биде единствениот услов за вработување, втората, помалите, немнозински заедници да добијат далеку подобар третман од досегашниот, под услов да сакаме да градиме мултинационална, а не бинационална демократија, вели шефот на државата.

Надворешната интегрираност, пак, нагласи, е клучен предуслов за опстанокот на малите држави во глобалниот свет. Во тој дел забележавме видлив напредок со Договорот од Преспа без да ги загрозиме виталните идентитетски маркери на македонската нација кои се експлицитно наведени во текстот на документот.

-Еден од солидните темели на Преспанскиот договор е, всушност, единствениот елемент кој беше прифатлив за двете страни, во континуитет, од 1993-та до денес, независно кој беше на власт во Скопје и Атина, а тој е дека терминот Македонија ќе се употребува на неексклузивна основа. Договорот со Бугарија од 2017-та е пример за приближување постигнат без странска асистенција, акт кој не дискриминира ниту една од страните кои и во пост-комунизмот, за жал, не ги надминаа взаемните стереотипи една за друга. Не очекувам негативни ефекти ниту во фазата на негова целосна имплементација, затоа што е познато дека во таа смисла за нас воопшто не постои маневарски простор: имено, ако ја изгубиме нацијата, не ни треба европската интеграција, рече Пендаровски посочувјајќи и на неодамна усвоената собраниска декларација, која вели, го потврдува широкиот политички консензус по тоа прашање.

Во втората група предизвици тој ги посочи економскиот развој и правната држава, кои, според него, се главните причини за брановите на иселување кои не стивнуваат 30 години.

-Во овој контекст е многу битно да се намали нивото на корупција, особено, високата корупција, затоа што ги става во подредена ситуација граѓаните кои плаќаат даноци и воопшто, ги демотивира да ги почитуваат законите, го оштетува буџетот и економската основа на земјата, и не помалку важно, ја руши довербата на луѓето во институциите на сопствената држава. Според мене, клучниот параметар, според кој ќе ја оценуваме државата по 10 години е дали ќе го достигнеме и престигнеме нивото на економски развој од 1989 година, оценува Пендаровски.

Предизвиците во третата група, додаде, се релативно нови и за светот и затоа тука имаме шанса со паметни политики да фатиме чекор побрзо отколку кај традиционалните предизвици во развојот на демократска политичка култура и систем, каде што назадување бележат дури и некои стари демократии. Тука ги издвои инклузијата на жените во општеството, заштитата на животната средина и дигитализацијата.

-Во експертската заедница е веќе апсолвирано дека дигитализацијата ќе биде клучна за идниот развој на светот, а државите кои ќе заостанат, ќе бидат на нивото на некои африкански региони денес. Низ образованието треба да ги подготвуваме младите генерации за битката на сите битки на 21-от век: дигитализација во сите области во општеството – од економијата до образованието и културата, од воениот до еколошкиот дел. Ние немаме други значајни компаративни предности, а во овој процес, ако се исклучат десетина држави, објективно, сите други почнуваат од слична стартна основа, рече претседателот Пендаровски.

Тој при тоа нагласи дека реално, ништо од ова нема да биде можно ако не го намалиме нивото на политичка поларизација каде што изборниот победник ги алиментира своите членови, а свесно се лишува од придонесот на оние кои не гласале за него.

-Јасно е дека во оваа фаза од нашиот политички развој, граѓанското помирување е невозможно, но, сите ние, актуелните политички актери сме должни со скромен личен пример да придонесеме за деескалација на тензиите кои на моменти ја парализираат целата држава. Потребен ни е нов, широк национален и државен консензус за развој кој ќе биде поддржуван од релевантните политички субјекти во континуитет, независно дали се на власт или во опозиција. Без тоа, секоја следна годишнина од независноста само ќе ја одбележуваме, без да имаме што да прославуваме, рече Пендаровски.

Научниот собир е во организација на МАНУ, во соработка со Институтот за национална историја, а се одржува под покровителство на претседателот Пендаровски.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Пендаровски: Знам некои од другата страна што имаат многу причини за страв од ветинг

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Пендаровски до Силјановска-Давкова: Нека ѝ служи на чест!

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Пендаровски во Виница: Мицкоски на чист бугарски јазик му кажа на Борисов дека го поддржува договорот

Горан Наумовски

Пендаровски во Чешиново-Облешево: Немаме нови години за губење, треба што поскоро да станеме земја членка на ЕУ

Горан Наумовски

Пендаровски со претставка за говорот на омраза, навредите и дискриминацијата од страна на Силјановска-Давкова и ВМРО-ДПМНЕ

(ВИДЕО) Пендаровски: Колку вреди зборот на човек кој е одбиен од НАТО за безбедносен сертификат!