Претседателот на Северна Македонија на денешната конференција за западен Балкан организирана од Пријателите на Европа, обелодени дека македонскиот државен врв добил понуда за членство во Европската економска зона, понудата била одбиена затоа што полноправното членство во ЕУ нема алтернатива.
-Некои од нас во регионот, можам да зборувам само за Северна Македонија, добивме понуда од многу високи функционери да станеме членка на Европската економска зона, јас веднаш ја одбив оваа понуда затоа што овој тип на размислување е катастрофален на долг рок, изјави денеска на конференцијата претседателот Стево Пендаровски.
Европската економска зона (European economic area) е зона на слободна трговија помеѓу земјите на ЕУ, Исланд, Норвешка и Лихтенштајн.
Претседателот одговараше на прашања поврзани за тоа дали постои „план Б“ доколку Северна Македонија остане блокирана на патот до членство во ЕУ како што е случај сега со Бугарија.
Пендаровски не кажа од кого дошла понудата, ниту кои други земји од регионот добиле такви понуди, но изјави дека предлозите циркулирале за време на подготовката на новата методологија за преговори со ЕУ.
Претседателот предупреди дека сите алтернативи, регионални или строго економски, се опасни за земјите од регионот бидејќи тие немаат долга демократска традиција и многу лесно може повторно да станат плен за автократски режими.
Истовремено тој и порача на Европската Унија дека е незадоволителна сегашната ситуација со земјите од регионот, вклучително и Србија и Црна Гора кои повеќе од седум години преговараат со ЕУ и не се нималку близу до крајот на процесот.
-Економската интеграција не е доволна ако не следува политичка интеграција, клучно е да одат тие паралелно, она што недостига во Брисел е практична заложба на ангажиран пристап со што ќе се докаже дека Западниот Балкан е голем стратешки и геополитички приоритет, изјави македонскиот претседател.
Тој потсети и дека декларираната амбиција на Европската Комисија е од ЕУ да направо глобален геостратешки актер и дека без ангажиран пристап кон регионот тоа нема да биде возможно.
Пендаровски, исто така предупреди дека други глобални сили се подготвени да ја пополнат празнината што ЕУ би ја оставила доколку не се заангажира за перспективата на регионот.
-Единствените зборови што сакам да ги слушнам до крајот на оваа година се дека конечно ќе се организира првата меѓувладина конференција, ние сменивме име, направиме промени што ниедна земја не ги направила, тоа беше огромна жртва од страна на оние на власт, и главен влог на мојата кампања, потсети Пендаровски.
На конференцијата учествуваше и министерката за ЕУ на Австрија, Каролин Етстадлер која порача дека ЕУ е моментално преоптоварена и со други теми како буџетот и Брегзит, и дека доколку нема преговори оваа година, треба да се биде трпелив до следната, иако, како што рече, ја разбира фрустрацијата.