Пред централниот митинг во Тетово, претседателскиот кандидат Стево Пендаровски се обрати и ја побара поддршката и од жителите на Брвеница.
Истакнувајќи дека во изминатите пет години како претседател се залагал и работел сите етнички заедници да имаат еднакви можности, Пендаровски посочи дека ги почитувал сите граѓани на Македонија и не ги делел без разлика на нивниот пол, возраст, етничка, национална, политичка или партиска припадност или по која било друга основа. На граѓаните на Брвеница им вети дека и во следниот мандат ќе продолжи да гради мостови на соживот, разбирање и на почит, бидејќи, како што рече Македонија мора да остане земја во која живеат еднакви и рамноправни граѓани.
Пендаровски пред граѓаните на Брвеница истакна дека е убеден дека на 24 април ќе изберат правилно и дека ќе им кажат „не“ сите кои не и мислат добро на државата и на нашите сограѓани. „Знам дека ќе заокружите број 1, бидејќи на дело покажав дека не ми е важен рејтингот, туку просперитетот на мојот народ и на мојата држава“, рече тој.