Едно од 35-возила кои министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, побарал да се вратат во кругот на МВР, го користи претседателот на државата, Стево Пендаровски. Информацијата за „А1он“ ја потврдија информацијата, но велат дека не знаат кој е мотивот за ова барање потпишано од Чулев.
„Информирани сме дека постои интерен допис во рамките на МВР, преку кој се бара враќање на едно возило кое го користи Претседателот. Не знаеме кој е мотивот за ваквиот допис, но напоменуваме дека безбедноста на претседателот е законска обврска на МВР“, велат од кабинетот на Пендаровски за „А1он“.
Претходно, министерот Чулев рече дека возилата се заведуваат според институцијата или кабинетот која ги има на користење, но не и според име и презиме. Тој истакна дека негова задача е безбедноста на премиерот и претседателот, а доколку некои возила се неопходни да останат на користење, треба да го известат.
Инаку, „А1он“ вчера објави дека Чулев преку телеграма побарал од службите на МВР да ги одземат возилата дадени на користење на обезбедувањето на премиерот Оливер Спасовски и заменик-министерката на МВР, Славјанка Петровска. Во телеграмата која Чулев ја испратил вчера во 16 часот, барал до 20 часот, да се вратат 35 возила назад во МВР.