Претседателот Стево Пендаровски се обрати на Меѓународниот форум за заштита на бегалците, организиран од Центарот за право на бегалци и миграција при Правниот факултет „Јустинијан Први“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во соработка со Канцеларијата на УНХЦР во Северна Македонија и Меѓународниот институт за хуманитарно право од Сан Ремо.
– Оваа конференција е силен пример за многу потребниот мултилатерализам и меѓународна соработка. Конфликтите, тероризмот, пандемијата, социо-економската и финансиската нестабилност и натаму ги нарушуваат начините на живот ширум светот. Тие продолжуваат да ги загрозуваат човековите права и слободи, предизвикувајќи хуманитарни катастрофи од големи размери и невиден број бегалци – лица на кои им е потребна заштита додека бегаат од прогон поради нивната раса, религија, националност, членство во одредена општествена група или политичко мислење, рече Пендаровски во обраќањето.
Пендаровски вели дека Државите ја имаат главната одговорност кога станува збор за заштитата на бегалците и човековите права. Затоа, вели претседателот мораме да предничиме во исполнувањето на обврските преземени со Глобалниот договор за бегалците и Глобалниот форум за бегалци.
– Како потписничка на Конвенцијата од 1951 година и преку својата долгогодишна соработка со УНХЦР, Северна Македонија покажа солидарност со бегалците од многу конфликти во поновата историја. Од војните низ поранешна Југославија во 90-тите години од минатиот век до стотици илјади што ја поминаа земјата во 2015 и 2016 година – без престан работевме за да им обезбедиме заштита на тие луѓе и да останеме цврст поддржувач на споделената одговорност на глобално ниво. По падот на Кабул неодамна, водени од чувството на морална обврска и солидарност, потврдувајќи ги нашите меѓународни обврски и во согласност со нашата традиција, веднаш ја огласивме нашата подготвеност да прифатиме авганистански бегалци, рече Пендаровски.
Ковид-19 ги предизвика нашите начини на живеење на многу нивоа, а во исто време не турна кон преиспитување на нашите ставови за различни аспекти од животот. Сепак, во никој случај не треба да дозволиме пандемијата да послужи како оправдување за недостатокот на солидарност заклучува претседателот на Македонија.