Претседателот Стево Пендаровски денеска го додели признанието „Успешни млади“ на Петре Ламески за најдобар млад научник во природно-математички и технички науки и на Андон Дамовски и Марија Савеска за афирмација на инклузијата на млади со попреченост.
Исто така, за најдобар млад уметник ова признание претседателот им го додели на Сашо Димоски и Билјана Камчева, а добитник на признанието „Млад талент“, кое се доделува на ученици и ученички од средните училишта, е Матеј Милосиевски.
Овој проект е инициран за поттикнување на научната, истражувачката и креативна работа на младите луѓе од земјава, а целта е креирање на политики кои ќе придонесат да се намали одливот на млади луѓе од нашата земја, како и за создавање на перспективи за младите и успешни кадри.
Како што соопштија од претседателскиот кабинет, Пендаровски им го честитал успехот на добитници на признанието и на сите останати кандидати кои се пријавија на јавниот повик, посакувајќи им добро здравје, среќа и понатамоши професионални успеси.
– Пристигнатите трудови и нивниот квалитет потврдуваат дека младите кај нас навистина поседуваат исклучителни таленти. Верувам дека за добитниците, признанието ќе претставува своевидна валоризација на нивниот труд и поттик да продолжат напорно да работат и да се развиваат во своите области. Исто така, се надевам и на иницирање на соработка помеѓу апликантите и добитниците на признанија и од иста и од различните категории, при што, ќе се разменуваат идеи и иницираат мултидисциплинарни истражувања и проекти, порача Пендаровски во обрааќањето.
Претседателот истакна дека за успешните млади секогаш мора да бидат отворени образовните, научните и културно-уметничките институции, стопанските субјекти и креативните индустрии.
– Да се трудиме секој во својот домен и во рамките на ингеренциите и на можностите да работиме на создавање перспективи за младите и успешни поединци да останат и да ја градат својата кариера во Република Северна Македонија. Јас и моите соработници стоиме на располагање преку проекти и иницијативи да придонесеме за поддршка на успешните млади, додаде Пендаровски.
Признанието „Успешни млади“ се доделува по втор пат за резултати постигнати во изминатата календарска година во областа на општествените, природно-математичките и техничките, хуманистичките и на медицинските науки, на млади со значајни достигнувања во уметничките и во културните практики, како и во категориите млади иноватори, таленти и успешни млади со попреченост.