Вие сте олицетворение на солидарноста во своето најдобро издание, им порача претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска на волонтерите од Црвениот Крст.
Истакнувајќи ја важноста и придонесот на илјадниците волонтери на Црвениот Крст, на средбата што се одржа во просториите на Црвениот Крст, претседателот Пендаровски им честиташе за нивниот ангажман, мотивираност и пожртвуваност во овие тешки времиња за нашата земја. Тој посочи дека особено е важна нивната волја и желба доброволно да даваат услуги и да им помагаат на ранливите граѓани, без притоа да имаат каква било материјална или финансиска добивка.
Пријатно изненадување е, како што рече претседателот Пендаровски, дека илјадници главно млади луѓе им помагаат на сите на коишто им е потребна каква било помош.
– Драго ми е што немате никакви предрасуди и што покажувате дека солидарноста не е изгубена. Вие ја враќате вербата во тоа дека не е се изгубено, дека човештината постои. Воодушевен сум од тоа што го правите. Можам само да ве замолам да издржите, бидејќи оваа ситуација најверојатно ќе продолжи и во следниот период. Знам дека не е едноставно. Сакам да Ви се заблагодарам, како човек, не како претседател. Ова е солидарност во своето најдобро издание. Само продолжете така, истакна претседателот Пендаровски во разговор со волонтерите на Црвениот Крст.
Претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, денеска преку видео врска поразговарал и со претставници од оперативниот центар, со тимовите на општинските организации на Црвениот Крст на Карпош и на Битола. Претседателот Пендаровски го слушнал и досегашното искуство во справување со пандемијата на вирусот КОВИД-19 на тимот на Црвениот Крст кој им даваа помош и поддршка на мигрантите и бегалците сместени во транзитниот центар во Табановце.
– Огромна благодарност за сите напори коишто досега ги имате вложено во оваа криза. Јас би ве замолил, бидејќи Вас ви е потешко од сите други граѓани да продолжите со својот ангажман бидејќи давате извонреден пример за сите нас, како треба да се поставиме кога на сите ни е тешко. Вие сте светол пример, им порача претседателот Пендаровски на тимовите на Црвениот Крст.
При посетата на Црвениот Крст претседателот Пендаровски бил запознаен и со низата активности коишто ги реализира оваа организација за време на справување со епидемијата на вирусот КОВИД-19, а со кои организацијата придонесува во заедницата и промовира граѓанска и општествена одговорност. Активностите, како што рекоа претставниците на Црвениот Крст, се реализираат исклучиво со помош и поддршка на околу 7500 волонтери, а подразбираат купување и достава на намирници за храна и лекови, плаќање сметки, помош и поддршка на мигрантите и на бегалците, потоа на бездомниците, како и секаков вид на помош на повозрасните граѓани.
При денешната посета на Црвениот Крст, и претседателот Пендаровски добил волонтерска книшка и стана дел од тимот на волонтери на оваа организација. Исто така, претседателот Пендаровски денеска дарувал и крв при што истакнал дека крводарителството е највисок степен на солидарност.