На средбата помеѓу претседателот Пендаровски со министерот за надворешни и европски работи Луксембург, Жан Аселборн е посочено дека нашата земја високо ја цени силната поддршка од Луксембург и активната улога на министерот Аселборн во однос на прашањето за отпочнување на пристапните преговори за членство со ЕУ, како и за ратификацијата на пристапниот протокол за членство на државата во НАТО во јули минатата година.
Според претседателот Пендаровски, Луксембург е наш ценет партнер во контекст на европската и евроатлантската интеграција.
Претседателот Пендаровски го реафирмираше очекувањето за скорешно донесување на новата методологија за водење на пристапните преговори за членство и одредување на датум за нивен почеток.
Пендаровски изрази благодарност и за техничката помош од Луксембург наменета за јакнење на административните капацитети на Северна Македонија во контекст на европските интеграции.
Во контекст на натамошното продлабочување на билатералната соработка, на средбата беше посочена потребата за зајакнување на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу двете држави.
Пендаровски посочи на интересот на Македонија за директни инвестиции од луксембуршки компании.
На средбата биле разменети мислења и за актуелните состојби во регионот, вклучувајќи ги предизвиците поврзани со нелегалната миграција.