Пекарите ги пуштаат купувачите во објектите, инспекторатот ќе ги казнува бидејќи не ги почитуваат мерките

Од:

Без заштитни маски и спротивно на мерките кои ги донесе Владата, во неколку пекари низ Скопје затекнавме дека се продава храната во затворен простор. Освен „Силбо“, пекара за која „А1он“ веќе пишуваше, купувачи влегуваат внатре во објектите и во „Специјал“ кај Универзална сала, „Ла Делишес“ на Партизанска во близина на дежурната аптека „Зегин“, „Жито леб“ исто така на Партизанска.

Во овие пекари, потрошувачите се примаат внатре во објектите и не се внимава на препорачаното растојание од еден метар кога купувачот остварува контакт со продавачот.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски за „А1он“ изјави дека во текот на целиот ден, сите инспектори се на терен, опоменуваат и санкционираат. Тој најави екипите на инспекторатот кои се најблиску до овие локации, веднаш ќе извршат проверка.

„Имаме пријави од граѓани за повеќе пекари. Нивната помош е добредојдена. Инспектори кои се најблиску, веднаш ќе отидат на овие локации. Сфатете не дека се соочуваме и со угостители кои продаваат по маси и во објекти, а на кои, изговор им е дека не знаеле или мислеле дека може да продаваат до шест часот. Ќе излеземе на крај со сите. Сите инспектори од цела држава се поврзани во групи и веднаш ги контактираме.

Отворени бурекџилници кои пуштаат потрошувачите да купуваат во објектите има и во Штип, а отворени кафулиња и во останатите градови. Според најавите, сите што ќе бидат затекнати дека постапуваат спротивно на мерките, ќе бидат казнувани.

Владата вчера ги заостри мерките за превенција од ширење на коронавирусот, по што донесе забрана за купувачите да влегуваат во угостителските објекти, а храната треба да се продава надвор или преку пултови.

„Се забранува целосно работата на кафетериите, баровите, клубовите, казината и спортските обложувалници. Сите угостителски објекти кои вршат подготовка и продажба на храна можат да работат без посета на потрошувачи односно гости и да остваруваат продажба преку онлајн нарачки, однсоно да вршат достава или истата да се подигнува надвор од угостителскиот објект согласно нивната организација“, рече вчера министерот за здравство, Венко Филипче.

Пазарниот инспекторат вели дека граѓаните постојано се јавуваат и пријавуваат непочитување на мерките за коронавирусот. Оттаму ги поддржуваат граѓаните и натаму да го прават истото, со цел, заштита од ширење на заразата согласно препораките на Владата.

Би можело да ве интересира

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

Орце Костов

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски

Три години откако СЗО прогласи пандемија од Ковид-19, вирусот се уште присутен, но со намален интензитет

Ана Ололовска

Ковачевски: Се заработува на грбот на граѓаните – не сакаат да испорачаат леб оние кои добија најголеми субвенции за струја

А1он

(ВИДЕО) Се потроши брашното во маркетите – Граѓаните ќе месат додека пекарите не донесат евтин леб

Орце Костов