Пејнтер: Македонија заслужи да биде дел од НАТО и ЕУ

Од:

Македонија припаѓа на евратлантското семејство и заслужува да стане полноправна членка што поскоро. По многу години напорна работа и посветеност, сите ние се надеваме дека Македонија на следниот Самит ќе добие покана за НАТО, а оваа година конечно и датум за започнување на пристапните преговори со ЕУ, со надеж дека ќе стане полноправна членка до 2016.

Ова го истакнува Сали Пејнтер, член на Управниот оодбор  на Труман проектот за национaлна безбедност, раководител на Блу Стар Стратеџис и советник на глобалните самити на НАТО, во интервју за програмата ПОРТА на Сателитскиот канал на МТВ.

Во однос на ЕУ, Пејнтер оценува дека од 2009 година агендата за проширување на Унијата го изгуби приматот во корист на решавањето на финанската криза.

– За разлика од некои други земји кои денес се на работ на банкрот, Македонија води одговорна економска политика. ЕУ треба да ги  поздрави активните мерки што се преземаат за справување со невработеноста, преку соодветните развојни политики, како и огромните напори за привлекување на странски дирктни инвестиции преку отворањето на нови фабрики. Доколку Грција го прифатеше членството на Македонија во НАТО и дозволеше започнување на претпристапните преговори под привременото име, оваа година Македонија и Хрватска ќе беа рамо до рамо пред вратите на ЕУ. Македонија припаѓа на европското семејство и заслужува да стане полноправна членка што поскоро, изјави Пејнтер.

Што се однесува до НАТО, таа потсетува дека Македонија беше целосно подготвена за членство уште во 2008 година.

– Сите бевме сведоци на ентузијазмот и поддршката за Македонија од речиси сите лидери на земјите на алијансата. Беше несреќно решение што Македонија беше блокирана од една членка на алијансата и сметам дека тоа беше на разочарување на останатите членови, истакнува Пејнтер.

Според тоа како НАТО е структуриран во денешно време, на сите земји членки им дава еднакво ниво на моќ во процесот на донесување на одлуки, но од друга страна, вели Пејнтер, не видовме исто ниво на ангажман и лидерство од страна на некои земји членки.

– И покрај тоа што мислењето на секој треба да се вреднува и почитува, кога се работи за стратешки одлуки и акциони планови за членство, мислам дека мислењето на мнозинството земји членки треба да се почитува, освен доколку се работи за прашања од сериозна закана за безбедноста, што не беше случај со Македонија. Доколку петте најголеми поддржувачи, САД, Германија, Обединетото Кралство, Франција и Италија сметаат дека земја како Македонија треба да стане дел од Алијансата, но таа е спречена поради вето во врска со прашање што е ирелевантно за визијата и мисијата на организацијата, тоа го прави НАТО побирократско, со помалку сенс и на долг рок тоа може да предизвика поголеми внатрешни недоразбирања, смета Пејнтер.

Според неа, освен ако не се работи за безбедносен ризик, поедничените земји не треба да имаат апсолутно право на вето. Посочувајќи на примерот на Советот за безбедност на ОН кој дозволува вето само на пет земји, вели дека во денешниот свет има многу отворени прашања меѓу државите што може да резултираат со многу ирационални одлуки или со целосна блокада доколку секоја држава би имала право на вето.

– Ние не ја посакуваме таа судбина за НАТО. Убавината на НАТО е во тоа што може да се видат земји што биле непријатели пред 70 години како денес седат на заедничка маса и делат исти визии и вредности. Како пример за регионот се тековните преговори помеѓу Словенија и Хрватска. И покрај некои меѓусебни спорови, во 2008 г. кога се работеше за НАТО и безбедноста во регионот, Словенија не беше пречка за членството на Хрватска. Овој пример и Грција треба да го следи. Бесконечното спорење за некакво античко прашање не е добро за регионот и не ја отсликува визијата за заедничка регионална иднина, изјави Пејнтер.

За очекувањата од наредниот Самит на НАТО, вели дека е тешко да се предвиди каков ќе биде исходот за Македонија. Потсетува на изјавата на поранешниот државен секретар на САД Хилари Клинтон во Чикаго дека следниот самит ќе биде самит на проширување.

– Веројатноста е дека ќе се одржи во 2014 и очекувам Македонија да добие покана за членство. Фокусот на наредниот самит ќе биде стратегијата за излез од Авганистан, но се надевам на промени во фокусирањето на агендата за проширување. Само во изминатите два месеца две земји членки на ЕУ и НАТО, Чешка и Унгарија ја признаа Македонија под нејзиното уставно име. Ова е јасен знак за поддршка од регионалните лидери коишто се надеваат да ја видат Македонија и во ЕУ и во НАТО, истакнува Пејнтер. 

Смета дека е добро што Македонија останува активен поддржувач на мировните мисии на НАТО, и тоа целосно е поздравено од страна на Алијансата.

– Време е лидерите на членките на НАТО да се посветат на фундаменталните вредности на организацијата наместо да бидат пасивни набљудувачи кога се работи за важни прашања. Сите европски земји што ги делат истите вредности, способности и посветеност за членство во алијансата, заслужуваат да бидат интегрирани со цел да се спречи нестабилноста, да се поттикне просперитетот и да се овозможи заштита од безбедносните закани, истакнува Сали Пејнтер за програмата ПОРТА на Сателитскиот канал на МТВ.

Би можело да ве интересира

Москва: Вежбите се доказ дека НАТО се подготвува за можна војна со Русија

Алаудинов: Ќе го уништиме НАТО до 2030 година

НАТО соопшти дека не ги гледа условите за поканување на Киев во Алијансата

НАТО: Украина да обезбеди војници, ние испраќаме само средства

Горан Наумовски

Нордиските и балтичките земји ја поддржуваат улогата на НАТО во поддршката на Украина

Русија: Немаме намера да влегуваме во конфликт со НАТО