Се уште е непознато кога точно починала велешанката кај која посмртно беше утврден коронавирусот, за која министерот за здравство Венко Филипче ја отвори дилемата дека Ковид-19 можеби бил присутен во земјава уште пред официјалниот прв случај откриен на 26 февруари.
Првично беше соопштено дека е можно жената да починала во јануари годинава, а нејзиното тело, заедно со телото на нејзиниот син беа најдени во стан во Велес. Вчера министерот Филипче рече дека во примерок од дишното стебло на починатата велешанка е најден вирусот. Ова ги отвори дилемите дали можеби коронавирусот бил подолго време присутен во земјава, па околу прашањето наголемо дискутира експертската јавност, особено поради тоа што Ковид-19 е нов вирус и се уште не се направени детални истражувања за тоа колку време вирусот може да опстои во организмот по смртта.
Од Министерството за здравство велат дека истрагата за овој случај ќе се прошири и во неа ќе се вклучат повеќе институции.
„Денес во Институтот за јавно здравје се прави уште една анализа на материјалот кој е земен од трахеата за да се потврди позитивниот резултат на коронавирус. Што се однесува до останатите првични информации за случајот, засега се знае само дека жената била сигурно почината повеќе од една недела. Резултатите од обдукцијата, кои ќе бидат готови во текот на следната недела, треба да откријат во кој период таа починала. Информациите кои вчера ги пренесоа дел од медиумите дека биле починати повеќе од еден месец не се точни и се чекаат конечните анализи“.
Во истрагата на овој случај се вклучуваат експерти од судска медицина, МАНУ и тимот на епидемилозите од Институтот за јавно здравје.
За случајот ќе биде известена и Светската здравствена организација која доколку има потреба ќе се вклучи со поддршка, велат од Министерството.
„Ако вирусот бил присутен кај жената три месеци по смртта, ние сме светско чудо“
Професорот Никола Пановски, микробиолог, вели дека невозможно е вирусот да живее посмртно во телото на починати лица подолг период.
„Ако е точно она што беше пренесено, дека жената починала во јануари, тогаш Светската здравствена организација треба итно да дојде овде, бидејќи тоа би било ‘бомба’. Во тој случај, ние би го имале првиот смртен случај на коронавирус, додека во светот се уште не беше детектиран ниту првиот заболен“, вели тој.
Според него, вирусите се врзуваат само за живи клетки – секој вирус различно долго живее во телото на човекот, посмртно, но три месеци е невозможен период еден вирус да опстои. Кога ќе умре телото, најчесто умира и вирусот.
„Затоа оваа информација што ја соопшто министерот би ја сменила целосно историјата на болеста. Едноставно наодот е неверојатен и мора да се допровери. Јас не велам дека сме го имале првиот случај на 26ти февруари, тоа можеби било и малку порано, но периодот не може да е многу долг. Тестот кај жената можеби бил лажно позитивен“, вели Пановски за „А1он“.
Во јавноста се јавија и дилеми дали можеби лицата кои во последниве месеци беа болни од грип, во време кога сè уште не беше познат коронавирусот, всушност го прележале коронавирусот, Пановски смета дека е малку веројатно.
„Коронавирусот има повисока смртност. Ако бројката на заболени од грип изнесувала 37 илјади, тогаш би требало да имаме и смртност од околу 4-5 отсто, што не беше таков случај кај нас. Ако ја следиме статистиката, бројката на смртни случаи од грипот би требало да биде над 150 луѓе“.
За да се утврди дали некој можеби го прележал коронавирусот, велат познавачите, најдобро е да се направат тестови за IgG антитела, но пожелно е тоа да се направи во иднина, бидејќи сега предност имаат лицата кои имаат симптоми на Ковид-19 или биле во контакт со заразено лице.
Експертите од оваа област што ги консултиравме тврдат дека секој вирус различно опстојува во човечкиот организам, дури и по неговата смрт. Па така, еболата може да живее 10 недели по смртта, а ХИВ вирусот живее само три дена по смртта.
Освен на мајката и синот во Велес, посмртно тест за коронавирус здравствените работници направија и кај многу други пациенти. Само по последните неколку дена посмртно коронавирус беше дијагностициран кај 44 – годишниот Албанец што почина во Кавадарци, кај 47 – годишниот затвореник во Шутка и кај 78 – годишниот велешанец. Прв случај на коронавирус потврден посмртно беше случајот на кумановката која пред да почине имала два негативни наоди, а третиот тест по смртта покажал дека е позитивна на вирусот.
За коронавирусот сè уште не се направени дополнителни испитувања кои би покажале колку време тој може да опстои во организмот откако ќе настане смртта, па токму затоа и телата се закопуваат според посебни протоколи.
Четири илјади денари се наплаќа превоз на починат од скопска болница до капелата во Бутел
Телата на починатите семејствата ги добиваат во посебни транспортни вреќи за кои плаќаат самите по 1650 денари. Дел од семејствата на пациенти починати во скопските болници се пожалија дека болницата ги обврзала телото на починатиот да го преземе погребниот сервис „Бутел АД“ и за тоа им наплатиле превоз од болница до капела 4000 денари.
Превоз до капелата на скопските Градски гробишта во Бутел обврзани биле да плаќаат и семејствата кои починатиот го закопуваат во друг град па се пожалија дека биле изложени на двојни трошоци за превоз на починатиот. Еднаш плаќале за превозот од болница до капела и вторпат од капела до градот во кој прават погреб.
Освен двојниот превоз, во Бутел им наплаќале по 486 денари за да можат да го подигнат телото. Целиот трошок, за кој семејствата тврдат дека може да се избегне, бил повеќе од 100 евра, пари кои не би ги платиле доколку им било дозволено погребалниот сервис од градот кај што се врши погребот, да го подигне телото на починатиот од болница место тоа да го прави погребниот сервис од Бутел.