На Детската клиника во Скопје доцна синоќа било донесено дете во тешка состојба, кое било итно префрлено од болницата Козле, дознава „А1он“. Детето како итен случај е сместено во одделот за интезивна нега на детската клиника и е ставено на машина.
Се работи за деветмесечно бебе кај кое постои сомневање дека белодробната слабост му е предизвикана од инфективната болест туберкулоза. За проблемот да е поголем, според нашите информации, и мајката на бебето е со потврдена дијагноза и се лекувала од туберкулоза.
Бебето е интубирано и ставено на машина во сала во одделот за интезивна нега. Проблемот е што во овој момент, според нашите информации, во истиот тој оддел има уште 7 деца кои се најтешки случаи и се исто така поврзани на машини за одржување.
Туберкулозата е тешка заразна болест и родителите на децата згрижени на Детската клиника, стравуваат дека нивните и така болни деца, можат да се заразат и нивното здравје дополнително да биде влошено.
„А1он“ побара информации и од Детската клиника и доби потврда од директорката Стoјка Нацева-Фуштиќ дека таков пациент е примен доцна синоќа, но вели, не постои никаков ризик за другите пациенти.
– Примено е деветмесечно бебе во живото-загрозувачка состојба и точно е дека добивме анамнестички податок дека мајката се лекувала од туберкулоза, но кај бебето нема никаква информација и не е докажано дека е болно од туберкулоза. Односно не постои за него медицинска документација дали белодробната – респираторна слабост која ја има се должи евентуално на туберкулоза, вели за А1он, Нацева-Фуштиќ.
Мајката и бебето се од Куманово. Бебето е со знаци на тешка неухранетост односно тежи само 3 килограми што е премалку за неговата возраст. Од Куманово прво е препратено во болницата во Козле, но бидејќи таму немаат можности за згрижување на пациенти на кои им е потребна интубација и поврзување на машина, доцна синоќа е однесено во детската клиника.
„Ние моравме да го примиме детето и да се обидеме да му го спасиме животот, но ги преземавме сите потребни мерки откако добивме информации дека мајката е болна од туберкулоза“, вели Нацева-Фуштиќ.
Сепак според директорката дури и да е детето заболено од туберкулоза, како што вели „нема никаков ризик за останатите пациенти или персонал иако бебето првично е примено и интубирано во одделот за интезивна нега каде лежат и други деца“.
– Прво да појасниме дека дури и да е болно од туберкулоза и да се заразило од својата мајка, бебињата не се преносители на оваа заразна болест. Тие не кашлаат и нема опасност од пренос на бацилите. Дополнително детето е сместено во посебна изолирана соба, за него се грижи една медицинска сестра која е опремена со сета заштитна опрема, маска, ракавици и слично. Значи детето е во посебна изолација и нема никаков ризик за другите пациенти и персонал, објаснува д-р Нацева-Фуштиќ.
Според неа дополнително ќе се прават одредени тестови за да се утврди дали деветмесечното бебе е заразено со туберкулоза.