Овој напис го посветувам до министрите (и сегашните и идните – кои и да бидат) во Министерството за здравство, локална самоуправа, внатрешни работи, труд и социјална политика, за транспорт и врски и за останатите властодршци во нашата чудесна исконска земја Македонија. На крајот го посветувам и до столбот на ова општество – ЧОВЕКОТ.
Живеам и работам во далечната Австралија веќе повеќе децении. Но последните 8-9 години редовно ја посетувам родната ми грутка поради фамилијарни причини. За жал оваа година ги преживував најтешките моменти поминувајќи и преживувајќи ги последните месеци од животот на мојот ценет татко – нека му е лесна земјата.
Како и многу други пред мене и јас поминував низ низа перипетии поврзани со неефикасноста во здравствениот и административниот систем поставен на многу лабави темели и во кој се нужни коренити промени. Со еден збор можам да заклучам дека виталните функци и сервиси во државата се толку длабоко метастазирани до степен каде што дури ни радикална хируршка интервенција која инволвира отстранување на екстремитети не може да ја спаси состојбата. Најтрагично е тоа што народот ги прифаќа сите овие аномалии како нешто сосема нормално, па дури и пожелно во стилот: Па така овде се функционира.
Одејки и чекајки со денови низ институциите за најразлични потреби, услуги и барања, кои впрочем во целиот развиен свет се организираат и финализираат со еден телефонски повик, а во најлош случај со чекање од половина час, јас, како и многу други иселеници дојдов до заклучок: Ние не припаѓаме во државата во која сме се родиле и во која сме ги поминале најубавите години од животот, во која сме се едуцирале и сме ја сакале. Но во исто време, и покрај тоа што сме ја напуштиле, вложуваме на разни начини, ги помагаме нашите најблиски и се надеваме дека еден ден сепак ќе се вратиме.
Не знам од кај да почнам, но општиот заклучок после овогодишното искуство, мое и на дел од моето семејство е тотално разочарувачко, фрустрирачко и безизлезно. Јас како и многу други, обидувајќи се да се снајдам низ лавиринтите на системот почнувајќи од здравството, внатрешни работи, локална самоуправа и многу други можам со чиста совест да кажам: Целокупниот систем е во распаѓање. Свеста на овој народ е на толку примитивно ниво што не е ни чудо што државата ни е на ова дереџе.
Мојата индивидуална сторија со која ќе се поистоветат илјадници изгубени души во РМ не е единствена, а знам има и многу други трагични судбини зафатени во вртлогот на нај неефикасната администрација во светот, на руинираниот и корумпиран здравствен и правен систем, каде што човечкиот живот е само бројка, (случајот со малечката Тамара). Каде човечките судбини се преплетуваат пред нехуманите шалтери (во нашиот едношалтерски систем) кои живот значат и пред кои стрпливо и стоички чекаат стотици граѓани додека во позадината се слушаат кикотења и телефонски ургенции на оние привилигираните кои имаат “врски”.
Здравствениот систем:
На докторите и медицинскиот персонал да им се даде до знаење дека ја студираат најблагородната професија, во која ќе се борат да го сочуваат човечкиот живот до последниот здив. Моето искуство ги исфрли на површина сите аномалии во здравствениот систем: Почнувајки од тезата со која животот на пациентот што се лечи во Држвната болница е правопропорционален на бројот на подароци и девизни пликови кои се делат на медицинскиот персонал. Но вистината е во тоа да ја погодиш вистинската “врска”.
Бадијала се инвестициите за разноразни апарати кои толку гордо ги пушта во употреба нашиот ни Не- министер за здравство, кога свеста на луѓето кои ја работат најблагородната професија е на многу примитивно ниво. Условите во болниците како и недостатокот на основни хигиенски средства е хронично, сепак, тоа не е причина пациентите да го вдишуваат и чадот од цигарите на медицинскиот персонал и изговорот дека не се добро платени е една издупчена канта полна со вода за сервисот што го нудат.
Меѓучовечките односи се во тотална дисхармонија каде што дадениот збор и препорака на еден доктор од една клиника се смета за ништожен веднаш по заминувањето на истиот на одмор. Семејствата на тешко болни и неподвижни пациенти се принудени во последен момент да си бараат помош од приватните болници и други установи најчесто испратени со најладнокрвни одговори: Не е за тука- носете го/ја дома. Или пак: Немаме кревети. (На 25 јуни татко ми беше буквално избркан од Кожната клиника со образложение дека нивното лекување е завршено и со ветување и препорака да биде примен на клиниката за гастро. После повеќечасовно чекање во ходниците на гастро, докторката Мишева не не удостои ниту да го прегледа, а нејзината колешка ме советува да си го носиме дома!!!! Со образложение дека немаат доволно кревети или ‘не е мој проблем’!!!!. )
Конечно, со фрустрации и во очај, мојот татко беше вдомен во еден прекрасен дом каде барем достојно ги помина последните денови од својот живот и си ја упокои душата. Благодарност до целокупниот персонал.
Министерство за внатрешни работи:
Тотален хаос. Тотално нефункционална администрација која е преоптеретена со разноразни формулари, уплатници, документи и слично така што вадењето на еден обичен документ како што е извод од матична книга за родени или умрени може да се смести во една или повеќе епизоди од серијата „Невозможни потези“. Во денешницата во која електронските документи одамна ги заменија тефтерите и книгите, луѓето се тераат да одат во местото на раѓање за да извадат обичен извод на родени, а вадење пасоши и лични документи може да се класифицира во рангот на научна фантастика. Редици фрустрирани граѓани стојат пред шалтерите стоички, некои со денови и недели со надеж дека конечно, еден ден, тој документ ке им биде врачен. Но, внимание: Важноста на некои од документите е од 3 дена до 6 месеци. Тотално лудило.
Господа министри, гледам шетате по светот и ни ги наметнувате стиловите во архитектурата, дизајнот и уметноста несвојствени за ова поднебје и култура до граници на забеганост. Главниот град не можеме да го препознаеме од силните преродбенички елементи во кои испомешавте и баби и жаби, ги ставивте рамо до рамо фалангата и четата на Питу Гули во кој вметнавте личности, фигури и стилови ама баш од секое ќоше на планетава земја. Неодамна една млада туристка од Австралија не праша дали во историјата на Македонија имало пиратски бродови (мислејќи на галиите на Вардар) Има, како не, вметнете го и тоа во преродбеничкиот котел.
Господа министри, па нели е ред да пратите екипи во развиениот свет, споредете како работи администрацијата, какви системи користат, а најважно пратете ги да научат како треба да се опслужува народот, затоа што функцијата “Public Servant” значи да му служиш на народот, а не обратно.
Приказна за себе се и општините во внатрешноста каде што се остава на волјата на селскиот службеник дали ќе се издаде документ или не, каде што се пие алкохол и се пушат цигари на бироата среде бел ден (Општина Ранковце, персоналот во матичната служба).
Сигурна сум вакви стории има илјадници. Сигурна сум дека мојата сторија ќе ја прочитате и ќе ја заборавите како што ги заборавивте голготите што ги поминаа многу други, но кои немаат храброст да ја дигнат главата затоа што кога тогаш тие ќе мора да ги бараат услугите од “малите богови”.
Многу ми е тешко и не можам да се помирам со фактот дека мојата родена земја се врти во волшебниот круг на безизлезноста во кој комплексот на маргиналноста се маскира со лажни вредности, лажна култура и лажна историја.
Но за жал се помалку и помалку ги разбирам моите сограѓани со кои кореспондираме на мајчиниот јазик… Чудно, мислев англискиот не е мојот мајчин јазик, но го чувствувам и разбирам многу подобро.
Со почит, Снежана Димитровска Канбера