Здружението на лекари специјализанти преку отворено писмо му се обрати на Претседателот на Владата на РСМ, Димитар Ковачевски со цел надминување на еден горлив проблем за лекарската фела.
Писмото го пренесуваме интегрално
„Изминатите пет години како проект на тогашната влада со цел спречување на масовен егзодус на лекарите, се започна со долгоочекуваната и заслужена исплата на паричен надоместок за работата која специјализантите ја вршат на клиниките. Минатата година во ек на најголемата пандемија со Ковид-19 младите колеги се вклучија активно и безрезервно во работата на ковид центрите ширум државата. Ставајќи се себеси во првите борбени редови во интерес на пациентите. Како одговор на ова Министерството за здравство започна со исплата на надоместоци за дежурства и здравствено осигурување на оваа категорија на лекари. Од месец феврурари исплатата на дежурствата е прекината од страна на ФЗОРСМ без никакво образложение и покрај тоа што специјализантите имаат склучени договори со клиниките за исплата на надоместокот за својата работа.
Лекарите на приватна специјализација и покрај ова сеуште ги извршуваат своите работни обврски и плаќаат на Деканатот на Медицински факултет суми до 12000 евра во тек на специјализацијата. Во отсуство на дадените средства продолжувањето на специјализацијата за најголем дел од колегите би била невозможна, бидејќи овие средства претставуваат единствен финансиски прилив за приватните специјализанти. Би сакале да Ве информираме дека одлуката за започнување на приватна специјализација, беше возможна исклучиво со примање на финанскискотиот надоместок, во спротивно најголем дел од колегите не би се одлучиле да ја започнат истата.
Во време каде ширум нашата држава, се затвараат цели одделенија, низ здравствените установи како последица на отсуство на медицнски кадар, сметаме дека овие средства (кои се веќе помали од просечната плата во РСМ) е повеќе од оправдана причина да бидат исплатени во целост на нашите колеги.
Овој профил на кадар е најтежок да се продуцира и времето да се изгради еден лекар специјализант е преку 12 години, истовремено младите лекари најмасовно емигрираат од Македонија за да се стекнат со финансиска сигурност. Укинувањето на оваа мерка во пракса значи бркање на младиот лекар од државата како и негативен стимул, за студентите на медицина да ја продолжат својата едукација во рамки на државата.
Апелираме до Премиерот и до сите надлежни институции да изнајдат решение за овој проблем кој потекнува од самоволието на поединци во ФЗОРСМ кои не ги согледуваат последиците од ваквата одлука, ставајки ги личните интереси пред здравјето на граѓаните.
Се надеваме на брзо решение на овој проблем кој се провлекува со месеци, пред да биде оневозможено продолжувањето на специјализацијата за најголем дел од лекарите, што ќе доведе до акутен недостаток на медицински кадар на клиниките и попречување на редовните работни активности во истите“, се вели во отвореното писмо на Здружението на лекари специјализанти.