Отворена изложбата „Словакот кој даде надеж за слобода“

Од:

Во ЕУ Инфоцентарот во Скопје денеска беше отворена изложба „Словакот кој даде надеж за слобода“ и прикажан документарен филм по повод 95 години од раѓањето на Александар Дубчек (27 ноември 1921 – 9 ноември 1992), еден од најистакнатите политичари во втората половина на 20 век, лидер на Прашката пролет во 1968 година и иницијатор на демократските промени во Источна Европа.

Изложбата, која опфаќа фотографии за неговиот живот и написи за неговиот активизам во најдраматичните настани во Европа, ја организираше Амбасадата на Словачка во Македонија и ја отвори словачкиот амбасадор Мартин Безак.

Тој рече дека Дубчек бил левоориентиран политичар, демократ и хуманист и, како водечки политичар во Чехословачка, неговиот живот  може да се подели во две клучни фази. Различната природа на двата система во кои тој играше активна улога, рече Безак, ги одреди различните методи преку кои тој се обидуваше да ја олесни демократизацијата на земјата.

– Првата фаза беше советскиот модел на социјализам, а втората при трансформацијата на Чехословачка во западен тип на демократија по падот на комунизмот. Тој беше дел од јавниот живот како левоориентиран политичар со социјалдемократски идеи. Тој, исто така, одигра важна улога на меѓународен план, промовирајќи платформа на демократски социјализам согласно европската социјалдемократија. Борбата за демократија и хуманизам, како и европското обединување во заеднички дом, се двете главни завештанија на Дубчек за современиот свет, рече Безак.

На отворањето на изложбата се обрати и народниот правобранител Иџет Мемети, кој нагласи дека во ерата на доминацијата на Советскиот Сојуз во Источна Европа, Дубчек одиграл значајна улога, особено во периодот на политичката либерализација по Втората светска војна.

– Истакнат политичар со визија за политичка еманципација и со определба да се бори за демократијата. Ризикувајќи го дури и својот живот, тој прерасна во најпознат словачки политичар на сите времиња, како на локално, така и на меѓународно ниво. Името на Дубчек е забележано како симбол на надеж и подобро утре. Тој во политиката внесе надеж за демократски развој и се залагаше за реален плурализам и мирна транзиција од демократско општество во правна држава, чии темели би биле граѓанските слободи, рече Мемети.

Неговата улога има и меѓународно значење што било потврдено и со многу почести и признанија од универзитети низ светот, а меѓу нив и наградата за човекови права „Андреј Сахаров“ во 1989 година, именувана по советскиот дисидент и нобеловец. Самиот Сахаров, рече Мемети, во отворено писмо му честитал на Дубчек за наградата со зборовите: „Дубчек е вистински предвесник на сите мирни револуции кои денес се случуваат во земјите на Источна Европа“.

Би можело да ве интересира

Отворање на изложбата „Денис Боувен“ во МКЦ по повод Светскиот ден на уметноста

Предраг Петровиќ

Во Музеј галерија Кавадарци изложба на дела од ликовниот уметник Новица Трајковски

Во Струмица изложба „10 до 12“ на Костадин Батев

Се отвора изложбата „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024“

Во Кавадарци отворена изложбата на скулптури „За послушноста”

Изложба на академскиот сликар Валентина Поцеска во “Галерија Метаноја“