Денеска стартуваше со работа првиот контакт центар за глуви и наглуви лица којшто е дел од програмата на Сојузот на глуви и наглуви лица финансирана од државата. Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска во своето обраќање истакна дека поддршката која што глувите и наглувите лица ќе ја добиваат од толкувачи на знаковен јазик преку мобилна апликација ќе значи многу за нивното секојдевно функционирање. Контакт центарот во којшто сега се ангажирани двајца толкувачи ќе работи од понеделник до петок од 8 до 18 часот.
„Оваа иницијатива посебно ме радува поради тоа што како Влада кога ги разгледавме сите активности на овие сојузи коишто за различни лица со попреченост ги спроведуваат видовме дека со години се финасирале едни исти активности од страна на државата, но малку давале за квалитетот на живеење на лицата со попречености. Предизвикот којшто го поставивме пред сојузите беше: ве молиме ќе ги зголемиме финасиските средства, но дајте програми, дајте развојни концепти коишто ќе го подобрат животот на лицата со попречености. Ме радува што Сојузот на глуви и наглуви го прифати тој предизвик. Оваа година во нивната програма финасирана од игрите на среќа директно развиваме услуга која што ќе го олесни пристапот до толкувачи на глувите и наглувите лица“, рече министерката Царовска.
Министерството за труд и социјална политика програмските активности на Сојузот на глуви и наглуви го поддржува со 10.692.000,00 денари. Освен за контакт центарот и за други активности дел од средствата ќе бидат искористени и за формирање на “Фолклорно здружение на глуви и наглуви лица” во соработка со Националниот ансамбл Танец и културно уметничкото друштво “Владо Тасевски”. Целта на ова фолклорно здружение е глувите и наглуви лица да имаат можност за изучување на традиционални ора, што ќе го поттикне нивното поактивно вклучување во општеството.