Со иновации, постојано растење и трансформација, интернационалната едукативно-технолошка организација Бреинстер (Brainster), за само осум години стана препознатлива по понудата на квалитетно неформално и формално образование во Македонија.
Од 2015 година, па наваму, преку иновативните образовни програми на Бреинстер поминаа над 11.500 студенти, кои се стекнаа со нови знаења и вештини на 21 век. Покрај успехот во неформалната едукација, преку веќе добро познатите академии, Бреинстер прави револуционерен чекор и во формалното образование, основајќи го првиот практичен ИТ-факултет Бреинстер Некст колеџ (Brainster Next College). Успешната приказна се дополнува и со отворање претставништво и во Албанија.
Со цел да одговори на потребите на студентите, пазарот на трудот и индустријата, Бреинстер се вклучува во екосистемот како водечка организација што нуди квалитетно образование за вработување. Во соработка со компании и професионалци од индустријата ја адресира моменталната состојба на пазарот на труд и континуирано работи да се намали јазот во образованието преку технологија, иновација во учењето и ангажирање на најдобрите експерти од праксата. Благодарение на предноста на моделот на практично наспроти класично образование, студентите добиваат шанса за поперспективна иднина и кариерен напредок.
По повод осмиот роденден на Бреинстер, симболично издвојуваме осум важни достигнувања, со кои оваа организација го менува образованието во нашата земја.
1.Од стартап со 205 студенти, до лидер на пазарот со 11.500 алумни
Приказната на Бреинстер започнува како стартап компанија, со ограничени ресурси и тројца вработени во 2015 година. Првата година имало 205 запишани студенти. Интересот на студентите во следните години постојано расте. Денес Бреинстер е лидер по бројот на запишани студенти, со заедница од над 11.500 алумни за осум години.
„Нашите студенти кои се сѐ побројни, бараат повеќе висококвалитетни можности за учење и да бидат вклучени во индустријата. И годинава очекуваме да запишеме рекорден број студенти, што е потврда дека треба да ги следиме нивните потреби и очекувања“, вели Петар Ниновски, основачот на Бреинстер.
2.Академии што постојано се надградуваат
Бреинстер веќе во втората година од своето постоење прави промена во методологијата на учење и од кратки курсеви се пренасочува кон сеопфатни академии отворајќи ја првата академија за Front-End програмирање. Во 2017 година се зголемува портфолиото со две нови академии: за Full-Stack програмирање и за дигитален маркетинг.
„Суштината на новата методологија е проектно-базираното учење кое црпи од знаењата и искуствата на долгогодишни експерти од индустријата кои го сочинуваат обемниот тим на инструктори и професори. Учење преку работа на реални проекти, пак, придонесува тие активно да се вклучат и да го почувствуваат успехот по завршување на проектот“, вели Ниновски.
Денес, осум години подоцна, Бреинстер нуди 11 академии: Software Testing, Дигитален маркетинг, Full-Stack програмирање, Front-End програмирање, Графички дизајн, Data Science, UX/UI дизајн, Човечки ресурси, Проект и продукт менаџмент, Академија за лидерство и менаџмент, како и Front-End програмирање на Бреинстер Албанија. Сите академии се сертифицирани од акредитираниот Бреинстер Некст колеџ.
3.Иновации и автоматизација
Програмите на академиите постојано се надградуваат, а за тоа најзаслужен е тимот за иновации. Всушност, иновацијата и автоматизацијата се дел од организациските вредности на Бреинстер. Во секој еден од организацијата се крие иноваторски дух и секој придонесува во процесот на иновацијата – нови методи, бизнис модели, продукти и идеи во креирањето значителен импакт врз пазарот. Преку автоматизација се овозможува организацијата да се посвети на учење, растење, иновирање, континуирано подобрување и фокусирање на активности кои даваат вредност и на организацијата и на клиентите.
4.Тим посветен на успехот на студентите
Поттикнати од идејата студентите да добијат вистинско насочување во образованието според нивните интереси и квалитети, Бреинстер во 2018 година ја заменува класичната студентска администрација со програма за поддршка на студентите водена од Student Success тимот. Овој тим се грижи за одржување на квалитетот на програмите и задоволството на студентите, со цел да им овозможи успешно да ги совладаат сите предизвици во текот на образовниот процес и да ги подготви за следниот чекор – влез во индустријата.
„Ваквиот пристап на студентите им дава самодоверба и уште за време на студирањето ги подготвува да одговорат на предизвиците во индустријата во реално време како што се роковите, а притоа и да ја поттикне нивната иновативност, критичко размислување и вештини за решавање на проблеми“, вели Бранкица Василева, раководителка на Student Success тимот.
5.Партнерства – платформа за поврзување на студентите и компаниите
Практичното знаење и искуството, како и работата на реални проекти, се клучни во трансформацијата на студентите во „вработливи“ индивидуи, атрактивна за компаниите. За тоа е задолжен тимот „Партнерства“, кој ги поврзува студентите и компаниите. Преку склучени соработки со партнери од индустријата, со работа на реални проекти и преку програмата за препорачување таленти, овој тим игра клучна улога во кариерите на студентите, особено по завршување на нивните студии.
Првото партнерство е склучено во 2019 година, а сега остварува соработка со над 150 компании од Македонија и од странство.
„На студентите им овозможуваме работа на реални проекти во текот на учењето на сите академии на Бреинстер и на Бреинстер Некст колеџот. Покрај реалните проекти, организираме и хакатони и многу предизвици кои им овозможуваат на студентите практична примена на она што го научиле. Реалните проекти им нудат многу вредно искуство на студентите бидејќи учат како да комуницираат со клиентите, како да ги пренесат нивните барања во проект и да го покажат сето знаење што го стекнале на практичен начин. Притоа, постојано се водени од нивните ментори“, вели Јана Тодоровска, тим лидер на „Партнерства“. Таа открива дека само во последните две и пол години се бележат 734 вработени студенти на Бреинстер.
6.Дигитално учење
Додека пандемијата со Ковид-19 за многу организации, особено за образовните институции, претставуваше вистински проблем и направи голем застој во процесите, Бреинстер во годината кога сите застанаа, 2020 ја создаде Дигиталната платформа (LMS) за структурирано учење. Таа претставува комплетно решение за одржување на предавањата преку онлајн комуникациски софтвер, спроведување на наставни планови и следење на успехот на студентите.
„Следејќи го искуството од ваквиот начин на учење можам да кажам дека тоа немаше негативно влијание врз искуството и успехот на студентите, како и на вработените и инструкторите, напротив им ги овозможи сите неопходни алатки за непречена ефективност и одржување на нивото на квалитет на наставната програма“, вели основачот Ниновски.
Исто така, Бреинстер во 2021 година го имплементира хибридниот начин на учење. Воведе две нови академски програми – Академија за човечки ресурси и Академија за продукт и проектен менаџмент.
7.Бреинстер Некст колеџ – прв акредитиран практичен ИТ-факултет во Македонија
Еден од најголемите „milestones“ на Бреинстер е основањето на Бреинстер Некст колеџот, кој почна со работа во 2022 година. Станува збор за првиот акредитиран практичен ИТ-факултет во Македонија, создаден врз основа на најдобрите практики на Бреинстер и со студиски програми акредитирани од МОН. Колеџот ги нуди тригодишните студиски програми за Софтверско инженерство и иновации и Примена на информациски технологии – дигитален дизајн и интерактивни технологии, за кои има голем интерес од студентите.
Бреинстер Некст колеџот е единствен во регионот на Југоисточна Европа кој нуди уникатен модел за финансирање на тригодишните додипломски студии – „Студирај сега, плаќај по вработување“. Тоа значи дека студентите плаќаат 0 денари за нивното образование, сè додека не дипломираат или се вработат, па тогаш и почнуваат да ја исплаќаат школарината на 36 рати без камата, што во принцип им овозможува целата сума да ја исплаќаат од плата преку првото вработување.
8.Интернационално позиционирање со Бреинстер Албанија
Едно од најновите и најзначајни достигнувања е и отворањето на претставништво на Бреинстер во Албанија, каде првично ја нуди Академијата за Front-End програмирање.
„Албанија се издвои како соодветен избор за наш втор дом од неколку причини, како на пример: големиот број млади луѓе во целокупната популација, динамиката на развој на тамошната ИТ- индустрија и заложбата на државата за нејзина поддршка, како и недостигот на понуда која ќе ја следи побарувачката на ИТ-индустријата за соодветно обучени кадри“, вели Стефан Смиљаноски извршен директор на Бреинстер Албанија.
Постојат уште бројни успешни приказни и достигнувања што го одбележуваат постоењето на Бреинстер. Но, Бреинстер не би биле верни на својата мисија доколку овие успешни приказни не ги претворат во предизвици за одговорност кон студентите и заедницата за понатамошно иновирање и унапредување на образованието на иднината.
ПР Текст