Поголем дел од високи функционери осомничени и обвинети од СЈО имаат досиеја на Клиниката за психијатрија во Скопје, дознава А1он. Поголем дел од нив уште пред објавувањето на прислушуваните материјали отвориле досиеја на Клиниката и се пријавени како пациенти, а има кои тоа го направиле и по објавувањето на бомбите. Според извори од Клиниката, дел од овие досиеја на одредени функционери се водат веќе две години.
Се работи за добро смислено сценарио-со овие досиеја доколку некој од нив биде обвинет и осуден ќе се бранат во судот да не можат да одат во затвор. Правни експерти за А1он тврдат дека досие од две години на Клиниката за психијатрија е доволна причина некој да не може да биде осуден, односно да не може да оди во затвор. Во случај да има пресуда, истите лица би биле упатени на Клиниката за психијатрија и би можеле за викенди да заминуваат по дома.
Овие лекарски досиеја според досега достапните информации се водат кај тројца психијатри во Клиниката.
Единствениот проблем кога би се покажале овие досиеја во судска постапка е што со тоа политичката кариера на сите со вакво досие ќе биде запечатена засекогаш.