Основен суд 2 ги демантира наводите од анализата на НВО Инфоцентар и ЦРМ

Од:

Основниот суд Скопје 2 ги демантира наводите од истражувањето на НВО Инфоцентар и Центарот за развој на медиуми, објавени во текстот „Политичари и функционери се вклучени дури во 43 случаи за клевета и навреда“.

„Ги демантираме наводите во текстот „Во периодот од три години, политичарите се јавуваат како странки во дури 43 судски случаи за навреда и клевета. Во 58% (25) од постапките, политичарите се јавуваат како тужители, а во една петина од судските случаи – 20% (9) – политичарите се тужат меѓусебно.“

Во доставеното Известување 03.Су.бр.1679/2015 по барањето за слободен пристап од информации од јавен карактер поднесено од асистентот во програмата на Центарот за развој на медиуми, примено и заведено во судот на ден 09.12.2015 година, согласно Законот за слободен пристап до информации, беше дадена информација дека заклучно со ден 09.12.2015 година во судот се поднесени 43 тужби со основ утврдување на граѓанска одговорност за клевета и навреда, во кои како странки во постапките се јавуваат политичари, членови на политички партии и политички партии.

Меѓутоа, дадените информации се однесуваат за периодот до 09.12.2015 година и истите не се конечни за 2015 година, како што тоа е наведено во текстот поврзан со анализата на Центарот за развој на медиуми. Исто така, во дадената статистика во текстот за периодот до 09.12.2015 година се наведени случаите само кога во постапките политичарите се јавуваат како тужители, без притоа, да се наведат и податоците за политичарите во случаите во кои тие се јавуваат како тужени. Имено, политичарите во периодот од 01.01.2013 година до 09.12.2015 година се јавуваат како тужители во 16 случаи, но исто така тие се тужени во 16 случаи.

Исто така, во целост ги демантираме наводите во текстот „Интересно е да се напомене дека според Основниот суд Скопје 2, во текот на 2015 година, во сите 9 нови случаи за навреда и клевета во кои како странки се јавуваат политичари – тие се тужат меѓусебно. “ За овие наводи ја информираме јавноста дека во текот на 2015 година во дадените податоци на Центарот за развој на медиуми, заклучно со 09.12.2015 година, беше даден податок дека политичарите се тужат меѓусебно само во 4 случаи, а не во 9 случаи како што тоа е презентирано во анализата на Центарот за развој на медиуми.

Во другиот дел од текстот каде што се вели дека „судиите во постапките во кои се вклучени високи државни функционери, постапуваат различно во споредба со случаите во кои се вклучени понизок ешалон политичари, новинари или пак, обични граѓани“, „случаите во кои како тужители се јавуваат високи државни функционери се одвиваат експресно во само неколку рочишта и во нивна корист“, како и дека „недоследно се применува Европската конвенција и праксата од Стразбур“, ја известуваме јавноста дека се целосно погрешни.

Не е точно дека случаите во кои како тужители се јавуваат високи државни функционери се одвиваат експресно во само неколку рочишта и во нивна корист, бидејќи должината на постапката зависи од предложените и изведени докази во текот постапката. Во постапката за утврдување на граѓанска одговорност за навреда и клевета и надомест на штета, Судот ги применува одредбите од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета , а ако судот со примена на одредбите од овој закон не може да реши определено прашање поврзано со утврдувањето на одговорноста за навреда или клевета или смета дека постои законска празнина или судир на одредбите на овој закон со Европската конвенција за заштита на основните човекови права, врз начелото на нејзино предимство над домашното право ги применува одредбите на Европската конвенција за заштита на основните човекови права и становиштата на Европскиот суд за човекови права содржани во неговите пресуди. Истите ги цитира во писмениот отправок на пресудата и правно ги образложува.

Треба да се има предвид дека Законите на РМ се во согласност со Уставот на РМ и во сите законски одредби е елиминирана било каква дискриминација по однос на примената и важењето на законските одредби спрема секој граѓанин, без разлика дали станува збор за високи државни функционери, понизок ешалон политичари, новинари или пак, обични граѓани.

Основниот суд Скопје 2 Скопје преку овој Демант им укажува на Центарот за развој на медиуми и на HBO Инфоцентарот, во иднина да не ги злоупотребуваат податоците дадени од Судот во извртена форма, за да дизајнираат анализа чија цел е ослабување на јавната перцепција за Судот и деградирање на неговата работа.“ стои во демантот од Основен суд Скопје 2.

Би можело да ве интересира

Коалицијата „Сите за правично судење“ реагира на назначувањата во Академијата за судии и јавни обвинители

Панова: Успешно ли е кога довербата во правосудството е минорни два отсто?

Левица: Одговорност за бегството на Рамадани Владата да бара во сопствените редови

Хисени: Признавањето вина од Мемети и од Георгиев – горчлив доказ за понатамошното намалување на довербата на граѓаните во правосудниот систем

Во Обвинителството и судството парите од буџетот за нови вработувања ги пренаменувале за плати велат од Финасии

Судскиот совет ја отфрли Иницијативата од ДКСК за одговорност на членови од Управниот одбор на АСЈО