Два нови случаи на оштетени возила пријавиле македонски државјани кои одморот го минувале во Грција, со што вкупниот број вакви инциденти летово се искачи на 42, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.
Според МВР, вчера на gраничниот премин „Богородица“, М.Ј. од Скопје, која управувала патничко возило „mерцедес“ со скопски регистaрски ознаки, пријавила дека во Солун возилото и било испишано по целата површина со црвена боја (напред, назад, по табличките). Оштетувањето го пријавила и во грчката полиција, за што има потврда. Истиот ден, на ГП „Богородица“, А.Ј. од Гостивар, кој управувал патничко возило „aуди А3“ со гостиварски регистaрски ознаки, пријавил дека во туристичкото место Аспрoвалта, возилото му било испишано по целата површина со црвена боја. Оштетувањето го пријавил и во грчката полиција, за што има потврда.
Со двата новорегистрирани случаи, во изминатиот период од страна на македонската гранична полиција се евидентирани вкупно 42 оштетувања на возила и одземања таблички. Од 42-те оштетувања што ги пријавиле македонските државјани, 32 се кражби на регистарски таблички, од кои во 24 случаи се украдени обете таблички. Предничи туристичкото место Ханиоти каде што досега се евидентирани 13 кражби и Неа Пори (6). По однос на оштетените возила бројката на вакви настани сега достигна 7 случаи.
Од вкупниот број случаи – 27 се пријавени од страна на наши државјани и на грчката полиција, но досега МВР се уште нема добиено никаква информација од грчките колеги за случаите. Дваесет од македонските граѓани кои пријавиле кражба или оштетување се од Скопје, а другите од други места во државава.