Општина Желино ја обвини централната власт дека придонесува за долгорочно уништување на природата затоа што дозволиле сеча на борови дрва на земјиште во сопственост на Република Северна Македонија, а што се наоѓа на општинско подрачје. Градоначалникот Блерим Сејдиу денес на прес-конференција рече дека поради тоа се одлучиле да го блокираат пристапот до локацијата.
– Се наоѓаме на местото каде веќе неколку дена и се случува еколошка „касапница“ на природата, дури и со дозвола на владините институции. Станува збор за сечење на борови дрвја, како резултат на тендер што го распиша „Државните шуми на Македонија“, а како резултат на овој тендер е склучен договор со приватна фирма, на која фирма и е дозволено да ги исече овие скапоцени борови кои се засадени уште од нашите предци и се чуваат од колено на колено со децении. Одлуката со која Управата за македонско шумарство дозволува сечење на овие скапоцени дрвја за нас претставува одлука против зачувувањето на животната средина и бруталното оштетување на природата, а оваа одлука е и ќе биде неприфатлива за нас, изјави Блерим Сејдиу.
Градоначалникот рече дека нема да дозволат да се сечат овие дрвја и дека нема да преговараат за тоа бидејќи, како што рече, во прашање е здравјето на граѓаните. Тој побара поддршка од граѓаните, како што реч, во битката со институции, за заштита на природата.
– Во ниту еден момент нема да дозволиме натамошно сечење на боровите, кои се многу ретки и стари со децении, кои го чистат нашиот воздух и убиваат штетни микроорганизми. Затоа, кога станува збор за нашето здравје, ние не признаваме никаква одлука или овластување, без разлика дали е приватна или државна, па следствено не го признаваме ниту овој Договор. Нема да преговараме со никого, тука е црвената линија, за која по никоја цена нема да толерираме. Денеска со машините на општината го блокиравме патот кој води до местото на настанот, а на ова место во секој момент ќе патролираат инспекторите на општина Желино. Работите на фирмата што го доби тендерот за сечење борови од вчера се стопирани и блокирани, истакна градоначалникот.
Првиот човек на општината рече дека за начинот на сечење борови ќе поведат постапки во сите надлежни институции, ќе вклучат правни експерти кои ќе ја утврдат правната постапка.