“ЈП Паркинзи на Општина Центар денес пушта во употреба две нови паркиралишта во склоп на Зелен Пазар согласно постигнатиот договор на состанокот помеѓу ЈП ПОЦ, Општина Центар, Скопски Пазар и пазарџиите од Зелен пазар со цел да се надминат проблемите на паркиралиштето „Аутомакедонија,“ информираат од општинското претпријатие.
ЈП Паркинзи на Општина Центар, го уреди „дивиот паркинг“ позади Зелен пазар кој беше во хаотична состојба и нефункционален ниту за жителите ниту за корисниците на услугите на Скопски Пазар и постави нов систем за контрола со влезно-излезни рампи. Од ова неуредено паркиралиште, ЈП ПОЦ направи две функционални паркиралишта, едното паркиралиште е наменето за товарните возила на пазарџиите, а другото за жителите на ул. „11-ти Октомври“ бр. 16, 18, 20, 22, 24, 26 и 28 и бул. „Кочо Рацин“ бр.32 и 38. Со отворање на овие паркиралишта, паркиралиштето „Аутомакедонија“ целосно ќе се ослободи од товарните возила и ќе им овозможи на жителите брз и лесен пристап до нивните домови,“ велат од „Паркинзи на општина Центар“.
Во наредниот период, контролите на ова паркиралиште ќе бидат зачестени и сите нерегуларности ќе бидат санкционирани. „Определивме простор за товарните возила кој од денес веќе е во функција и доколку нашите контролори затекнат товарни возила надвор од затворениот простор, тие веднаш ќе бидат санкционирани. Правилата и редот ќе мора да ги почитуваме сите.“ – изјави директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар, Васко Кичевски.