Паушални и политикантски се барањата на носителот на советничката листа на „Шанса за Центар“, Јана Белчева Андреевска, поврзани со КК „Работнички“, реагираат од Општина Центар.
„Советничкката за 4 години не научи ништо ни за Центар, ниту за потребите на центарци. Доколку сѐ уште актуелната советничка Јана Белчева Андреевска смета дека треба да бидат одземени термините на КК „Работнички“, а се поврзани со поволностите кои што ги дава општината, односно обезбедување на средства и подобрување на условите, сакаме да ѝ напоменеме дека КК „Работнички“ е нашиот најтрофеен македонски кошаркарски клуб кој годинава прославува 75 години од постоењето. Инаку Белчева Андреевска ова прашање можеше да го иницира и изминатите четири години, кога беше советник а и претседател на Советот на општина Центар. Ова беше доволен период да ги научи процедурите по кои работи секоја општина. Доколку Белчева Андреевска е против спортот и спортистите, ќе има можност во кампањата ова да им го каже на сите граѓани од Центар“, се вели во реакцијата на Општината.
„За информација, освен машкиот, има и женски КК „Работнички“. Општината помага и во други спортови, како кикбокс, бокс, ракомет, карате, одбојка и така натаму. Оттука, советничката Белчева треба малку повеќе да се инфомира за програмата за спорт која ја спроведува општината.
Во однос на таблетите, односно лап топ компјутерите, доколку советничката смета дека наместо на советниците, лап-топ компјутерите треба да се доделат на учениците, на наредната седница слободно може да поднесе амандман и на советниците да им бидат одземени. Белчева и пред четири години можеше да се откаже и да го донира својот лап топ. Сакаме да нагласиме дека последниот хонорар на советниците од СДСМ и коалицијата и платата на градоначалникот Саша Богдановиќ, ќе ги донираат за купување на лап-топи или таблети за деца од социјално загрозени семејства, со цел да им обезбедиме непречена настава. За лап-топ компјутерите, секој член на Советот ќе си се произнесе дали ќе го донира или не лап-топ компјутерот или мобилниот телефон, кои му следуваат со стапувањето на фукнција. Бидејќи во тек е изборниот период и сите донации се забранети, донациите ќе ги оствариме по завршувањето на локалните избори, со цел да не го прекршиме Изборниот законик. Штом се ослободи простор за ребаланс на буџетот, советничката група на СДСМ ќе поднесе предлог до Советот за сите средства наменети за патувања на советниците и на градоначалникот, да се пренаменат за лап-топ компјутери и таблети на деца од социјално загрозени семејства.
Воедно, користиме прилика да ја повикаме Белчева да ги рефундира средствата од Општина Центар во висина од над 100.000 денари, кои ги користеше за патување во Осло, Норвешка во 2019-та година, односно 12.731 денар за дневници, 29.690 денари за патни трошоци и 58.586 денари за хотелско сместување. Ниту еден друг советник освен Белчева Андреевска нема искористено никакви средства за патувања. А доколку е толку загрижена, може истите да ги рефундира, односно да ги донира за набавка на компјутери, затоа што со тие средства може да се набават најмалку 4 до 5 лап-топ компјутери и истите да ги донираме, бидејќи едно нејзино ноќевање чинело 250 евра од вечер. Што се однесува до планот за вработување, појаснуваме дека не станува збор за никакви партиски вработувања и не се вработувања пред изборите. Тоа е законска обврска со која градоначалникот до Советот достави план за вработување за идната година и доколку општината процени дека има потреба, тогаш се распишува оглас или огласи за вработување. Доколку планот за вработување не се донесе, се доведуваме во ситуација општината во наредната година да нема простор да распредели одредени кадри, потребни за функционирање на општинската администрација. Апелираме советничката Белчева Андреевска да не ја замајува јавноста со сензационалистички барања, туку да седне, да го прочита Законот за вработените во јавниот сектор, каде јасно, во член 20-б е опишана целосната постапка за изготвување на годишен план за вработување и да почне реално да се грижи за проблемите на Центар и центарци“, се додава во реакцијата на Општина Центар.