„Обединети за Македонија најенергично го осудува сериозниот и евидентен притисок врз судиите и правосудниот систем во целина.
Начелото на јавност и транспарентност во нивното работење во основа е ставено под целосна контрола на извршната власт, односно владеечкиот политички ешалон и фамилијата на власт.
Правните норми се толкуваат и применуваат согласно политичките потреби, а изведувањето на доказите во голем број случаи се фабрикуваат, под плаштот на заштитени сведоци и нарачани посебни наместени истражни мерки. Докази за ваквата поставеност има во случаите со Љубе Бошкоски, „Кампања” и „Ровер”, кои се нотирани и во извештаите на Стејт Департментот, ЕУ и другите меѓународни организации и институции.
Судиите кои критички се осврнуваат на новинарите, теретејќи ги за притисок, само потврдија дека ги има во тефтерите на актуелната власт. Некои дури се дрзнуваат и со закани на секое ненарачано новинарско прашање кое ќе навлегува во скриените вистини.
Обединети за Македонија ги охрабрува сите судии да бидат посмели и посамостојни во своето одлучување и да не постапуваат по налози од било кој политичка опција. Да го искористат новиот момент во државава, особено сега кога е поставен Специјален јавен обвинител. Сега да ја скршат железната бариера поставена врз правдата, и да кажат одсечно „НЕ” на секоја закана од власта која е во заминување. Сега е моментот да се пресече, и пред лицето на правдата да се донесат и луѓето од врвот на власта, бидејќи нема веќе недопирливи“, се вели во соопштението на Обединети за Македонија.