Обединети за Македонија реагираат на говорот на премиерот Никола Груевски, велат дека и понатаму продолжува да се пресметува со своите неистомисленици.
На најсветлиот ден од македонската историја, на Илинден, пред неколку стотици партиски војници премиерот Груевски повторно испрати отровни стрели кон своите неистомисленици, реагираат од Обединети за Македонија.
Денот и поводот кој е национална гордост и симбол на семакедонската борба за државност и самостојност Груевски го злоупотреби за бедно самопромовирање и заканување кон неистомислениците. Сè во интерес на „фамилијата“ и нејзините бизниси. Во суштина, Груевски не кажа ништо ново. Знаеме дека се пресметува со неистомислениците. Како резултат на оваа негова пресметка Македонија денес заедно со Белорусија и Украина е единствена европска држава во којашто има политички затвореници. Листата на политички затвореници постојано се зголемува, а покрај нив, во монтираните процеси против политичките затвореници има и луѓе кои се осудени како колатерална штета. Ова е нов момент во практиката на македонското партизирано судство, судство кое наместо на Јустиција и се покорува само на „Фамилијата“, стои во реакцијата.
На крај да му порачаме на големиот вожд, колку и да сака да го измени текот на историјата и да биде запишан со големи букви во историските книги, историјата си има свои правила. Па така, еден Лазар Колишевски остана запаметен по уништувањето на козите. Овој вожд ќе остане запаметен по уништувањето на дрвјата и зеленилото.