Обединети за Македонија во Хелсиншкиот комитет денеска пријавија дека власта врши засилени притисоци врз членството и врз партијата.
„Притисокот е најчесто во форма на заплашувања, закани, обиди за поткупување, отпуштање од работни места, ветувања за работни места за оние кои ќе ја напуштат партијата . При напуштање на поранешните простории во кои беше сместена централната канцеларија на партијата, од страна на поранешни членови и други непознати лица била уништена дата-базата на податоци која содржела важни документи поврзани со партијата, а исчезнале и голем број на пристапници и други пишани записи“, рече потпретседателот на партијата Јагода Митревска.
Според неа, постои чувство дека се работи за координирана акција за уништување на партијата, акција која започна со кривичното гонење на претседателот на партијата, Љубе Бошкоски.
„ Љубе Бошкоски е повторно предмет на кривична истрага за двојно убиство кое се случило пред 11 години, а за кое тој сега се сомничи за помагање. Според судот, одобрено е сведочење на заштитен сведок. Заштитен сведок беше користен и за време на претходната судска постапка во која Бошкоски беше осуден на петгодишна казна затвор“, рече Митревска.
Според партијата притисоци имало и врз Митко Јаневски, советник со дипломатско звање прв секретар во Министерството за надворешни работи, кој сега
„По добиените закани по неговиот живот поради неговото членство и активност во партијата Обединети за Македонија, Митко ја напушти Република Македонија на неодредено време, со што постои можност и за престанок на работниот однос во Министерството за надворешни работи. Овој случај претставува потврда за притисокот кој се врши врз граѓаните со различна политичка определба од владејачката партија. Сметаме дека ваквите дејствија се недозволени во едно демократско општество на кое една од темелните вредности е политичкиот плурализам, поради што со ваквите дејствија директно се загрозува член 20 од Уставот на РМ со кој се гарантира слободата и заштитата на политичките права и уверувања на граѓаните, што доведува и до загрозување на сигурноста и загрозување на правото на живот“, рече Митревска.