Олово, кадмиум и арсен, тешки метали штетни за човековото здравје се пронајдени во домат и крставица покажуваат новите извештаи на анализа направени од Државната фитосанитарна лабораторија. Во извештаите кои стигнаа до мене се за анализа на определување на макро и микро елементи и елементи во трага, во кои е детектирано присуство на тешки метали во домат и крставица рече на прес конференција Цветан Трипуновски, претседателот на комисија за земјоделство на ВМРО-ДПМНЕ.
– Презентирам официјални документи архивирани и потпишани од ДФЛ односно од МЗШВ во кои се констатира присуство на олово, кадмиум и арсен.
Првиот извештај се однесува на направена анализа на домат, нарачател е АХВ , примерокот е земен на 28.05.2023, а анализата е извршена на 30.05.2023 година. Она што сакам да го презентирам пред јавноста е што во оваа анализа на домат констатирано е присуство на кадмиум од максималните дозволени количини 0,05 мерни едници, во извештајот се детектирани 1,34 мерни единици. Ова е за 27 пати над дозволените количества кои што треба да ги има овој производ. Вториот хемиски елемент, тежок метал олово согласно правилникот за максимално дозволено ниво е 0,10 мерни единици, а во овој резултат количеството на детектирано олово е 4,48 мерни единици или за 45 пати над дозволената граница. Вториот резултат од ДФЛ се однесува на примерок од крставица, нарачател за земање примерок е АХВ, земен примерок на 28.05.2023 година, а датум на завршување на анализата е 30.05.2023 година.
Овде во овој резултат се детектирани три хемиски елементи, односно тешки метали. Првиот е арсен каде што согласно правилникот не е дозволено присуство на овој тежок метал во храната. И во резултатот е детектирано 2,0 мерни единици, што е катастрофален податок објаснува Трипуновски.
– Вториот тежок метал е кадмиум со резултат од 0,64 мерни единици, што е за 13 пати над дозволената граница. И третиот елемент, односно тежок метал е оловото кое што е детектирано со резултат од 37,43 мерни единици што е за фрапантни 374 пати над дозволената граница, тврди Трипуновски.
Според него Бабовски и Николовски го трујат сопствениот народ, ги повика да си поднесат оставки и побара Обвинителството како што рече да реагира соодветно.