Охрид тужи четири фирми оти на диво користеле плажи

Од:

Општина Охрид понела тужби против четири правни лица што без концесија узурпирале плажи за поставување шанкови и друга опрема. Станува збор за фирми кои, по истекувањето на концесијата, не ја собрале опремата и не ја вратиле плажата во првобитната состојба, туку на диво продолжиле да ги користат.

Општината бара узурпаторите да платат закупнина според цените договорени во старите истечени концесии заедно со камата.

„А1он“ дознава дека градоначалникот Константин Георгиески побарал од Пазарниот инспекторат и од УЈП да му достават информација кои лица пријавиле дека извршувале дејност на плажите што немаат концесионери.

Извори од Општина Охрид за „А1он“ велат дека кога ќе ги добијат податоците од институциите, ќе поднесат нови тужби против другите фирми, кои на диво ги користеле плажите.

На прашањето зошто не поднеле кривична пријава за узурпација на земјиште, од Општината велат дека тоа е работа на МВР.

Документацијата за плажите и фирмите со истечени концесии ја проверува и Државната комисија за спречување на корупцијата. Антикорупционерите на своја иницијатива ја побараа од Општина Охрид документацијата за концесиите со цел да утврдат дали компании и поединци ги узурпираат плажите.

Општината на почетокот на летото информира дека концесиите за плажите се со истечени рокови, а нов оглас за концесии немаше поради донесениот мораториум.

„Поради донесениот мораториум, моравме да ја стопираме постапката на доделување концесии за располагање со плажите што се наоѓаат на охридското крајбрежје. Тоа го налага законот и ние постапивме според него“, објаснија летово од Општина Охрид.

Концесии за работа немаа ниту фирмите што ги користеа струшките плажи.

Би можело да ве интересира

Охридскиот регион остана под заштита на УНЕСКО, ќе се ангажира фирма која ќе ги урне дивоградбите во Охрид, рече Мицкоски

Љутков: Извештајот на УНЕСКО за Охрид се однесува токму на периодот на владеење на СДСМ и ДУИ

СДСМ: Охрид е на чекор од губење на статусот на заштитено светско наследство

УНЕСКО бара Охридскиот регион да биде поместен на Листата светски природни и културни реткости во опасност

ВИДЕО: Се запали глисер закотвен во Студенчишкиот канал во Охрид

Катерина Ѓуровски

Жена од Јапонија паднала кај Канео, била во бесознание па е згрижена во болницата „Свети Еразмо“

Горан Наумовски