Охрид со 3,3 тона рибна чорба го собори Гинисовиот рекорд

Од:

Манифестациите поврзани со одбележувањето на Водици и верските празници Богојавление и Соборот на Свети Јован Крстител во Охрид оваа година беа заокружени со нов Гинисов рекорд на приготвени 3,3 тона рибна чорба.

– Гинисовиот рекорд е соборен, досегашниот рекорд изнесуваше 3.025 литри рибна чорба, а ние веќе имаме 3.300 литри. Чорбата е готова, се е регистрирано со видео-запис и сето ќе заверено на нотар. Спроведени се инструкциите од Гинис, така што очекуваме ништо друго освен потврда на соборениот рекорд, рече Љубен Арнаудов, претседател на Здружението за целосна афирмација на МПЦ „Богојавление“ што е организатор на световниот дел од празнувањето на Богојавление – Водици во Охрид.

Подготовките за чорбата и нејзиното приготвување ја спроведоа професори и ученици од средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“ од Охрид, а потребните намирници ги обезбеди фирмата „Дасс инженеринг“. За подготовка на чорбата за Гинис беа употребени 500 килограми лосос, 200 килограми ослиќ и 150 килограми калифорниска пастрмка, како и 140 килограми морков, 50 килограми целер, 20 килограми пашканат, 110 литри масло, 100 килограми брашно за запршката, 200 врзалки магдонос и 20 килограми зачин и сол.

Блаже Јорданоски, професор по готварство од „Ванчо Питошески“, инаку главниот готвач што ја подготви рибната чорба, рече дека подготовките за приготвувањето на рибната чорба започнале уште пред еден месец, за самото приготвување да почне од петокот, со чистењето на рибата и зеленчукот. Сето тоа финализира со 11 илјади порции рибна чорба, сварена на дрво, за што се потрошени четири метри кубни дрво.

Сандре Трповски, сопственикот на „Дасс инженеринг“ кој ги обезбеди сите состојки потребни за чорбата за Гинис, ги повика сите граѓани на Охрид и на цела Македонија да се вклучат во оваа манифестација, за истата догодина да биде уште повеличенствена.

– Доколку овој наш рекорд биде соборен, ние догодина повторно ќе собереме екипа за да го собориме, рече тој.

Инаку, празникот Собор на Свети Јован Крстител и оваа година во Охрид беше прославен со атракцијата на традиционалното капење на рибарите во водите на Охридското Езеро, како продолжение на веќе воспоставената традиција на тој начин да се одбележува завршувањето на забраната за риболов после зимскиот мрест на рибата.

Доследен на ветувањата  остана и поранешниот амбасадор на ЕУ во Македонија, Ерван Фуере, кој при неговото заминување оттука најави дека секогаш кога ќе биде во можност за Водици ќе биде тука во Охрид, и меѓу оние што ќе се капат на Денот на рибарите.

– Ова е една прекрасна традиција. Токму традициите спроведени од народот, од локалната заедница се работите што ја издвојуваат Македонија. Навистина треба да им се оддаде признание на организаторите за сите активности што од година во година ги преземаат за унапредување на оваа величенствена манифестација, рече тој.

Прославувањето на Богојавление – Водици и фрлањето на крстот во езерото во Охрид има долгогодишна традиција, последните десетина години популаризирана преку Здружението на граѓани за афирмација на МПЦ „Богојавление“ кое преку редица активности се обидува манифестацијата на фрлањето на крстот и Денот на рибарите да ја претвори во најмасовна во православниот свет.

Би можело да ве интересира

Почина седумесечно бебе во болница во Охрид: Паднало од кревет во домот во Вевчани

Орце Костов

Приведен охриѓанец, го фотографирал гласачкото ливче

Катерина Ѓуровски

Работнички од Непал му избегале на газдата од Охрид, случајот пријавен во полиција

Орце Костов

(ВИДЕО) Пожар во охридската кафеана „Беко“

Горан Наумовски

Ванковска: Сосема нов Устав, затоа што постоечкиот е неупотреблив – дели наместо да сплотува

А1он

Левица од Охрид: Тука Нефи го рушеше АСНОМ додека Пецаков молчи

Орце Костов