Огромен одрон целосно го затрупа патот Тетово-Бањиче

Од:

Огромен одрон денеска целосно го затрупа локалниот пат од Тетово до излетничкото место Бањиче во близина на градот, откако попушти еден од потпорните ѕидови покрај патот. Патот, кој е на првиот дел од трасата на најавениот патен правец кој треба да ги поврзе Македонија и Косово преку Шар Планина, беше целосно покриен со земја и големи карпи, од кои дел завршија во реката Пена.

Станува збор за пат кој се користи од стотици рекреативци, планинари и велосипедисти, па вистинска среќа е тоа што во моментот на одронот на местото не поминувал никој.

На овој пат зимава неколкупати се случуваа помали одрони, а минатиот месец повеќе активисти и рекреативци реагираа дека постои опасност од големи свлечишта.

Еден од потпорните ѕидови за кои предупредуваа активистите е токму оној кој сега попушти:

Во попладневните часови, патот беше расчистен и оспособен за употреба.

Од Општина Тетово нема информација што точно денес се случило и како ќе се надмине проблемот. Пред два дена, откако помал дел од карпите, камењата и земјата на истото место се најдоа во коритото на реката Пена, од општината информираа дека поради процесот на уредување на планинско-ридестиот дел во вид на каскади се случило да паднат карпите и земјата.

Камењата, карпите и земјата кои се најдоа во коритото се резултат на градежните работи за уредување на најкритичните точки од ридот долж патот и превенција од свлечишта. На крајот од изведувањето на работите речното корито ќе биде расчистено. Сите работи се под надзор на Секторот за комунални дејности, информираа тогаш од Општина Тетово.

Од почетокот на месецот започнаа градежни работи со цел превенција од можни ерозивни процеси од планинско-ридестиот предел покрај коловозната лента, пешачката патека и коритото на река Пена. Со специјална градежна механизација се копа на делот од планината каде се појавуваа одрони и се прават каскадни предели за да нема повторно свлечиште на земја. Според најавите на Општина Тетово по најкритичните точки се планира поголем проект за заштита на овој дел од Бањиче.

Би можело да ве интересира

Според тетовската полиција, кучето кое со страотни крици падна од зграда,никој не го турнал

Катерина Ѓуровски

Анима Мунди: Инвеститорот и пожарникари го натерале кучето во Тетово да скокне

А1он

Експресно оттуѓен имотот на делницата Тетово-Гостивар, заглави експропријацијата кон Букојчани

Орце Костов

Фирмата на семејството Дестани која требаше да ја гради фабриката за автомобили во Тетово оди во стечај

Орце Костов

Кривична за екс директор на ПИОМ Тетово – вработувал и давал плата на лица кои не ни доаѓале на работа

Тетовка излажала познаник дека ќе се венчаат, па го ограбила

Горан Наумовски