Кабинетот на грчкиот премиер Андонис Самарас се уште молчи за писмото што му го испрати премиерот Никола Груевски, јави дописникот на МИА од Атина.
Иако уште минатата седмица МИА побара од портпаролот на грчката Влада Симос Кедикоглу да даде некаков комантар, или одговор на некој од предлозите на Груевски, до денеска од таму нема ниту збор.
– За жал се уште нема никаков одговор од кабинетот на Кедикоглу, гласи последниот одговор што го добивме на нашите секојдневни прашања во врска со тоа дали Самарас ќе одговори на писмото и дали неговиот портпарол планира да ни даде некаков коментар.
Во меѓувреме, сите грчки медиуми денеска ја пренесоа изјавата на македонскиот премиер Никола Груевски во Вилнус за блокадата од страна на Грција врз евроатлантските интеграции на Македонија.
– Ние ги исполнивме потребните критериуми да ги започнеме преговорите уште во 2009 година, но тоа беше одложено поради блокадите од нашиот јужен сосед. Потоа отидовме во Меѓународниот суд на правдата во Хаг каде што победивме. Тоа е суд основан од ОН што кажа дека Македонија е во право. Меѓународното право е на наша страна, но членството на Грција во ЕУ и НАТО е на нивна страна. Моќта на ветото што ја имаат е на нивна страна. Се обидуваме да иницираме дијалог со нив што претставува најголемиот проблем во моментот бидејќи имаме чувство дека не се толку фокусирани на решавањето на ова прашање и дијалогот со нас, ја пренесуваат грчките медиуми изјавата на Груевски.
Според весникот „Етнос“, македонскиот премиер „продолжува со комуникациските игри“ со што отворено го брани молкот на официјална Атина за писмото.
Според дипломатски извори на кои се повикуваат некои од медиумите, писмото уште од минатата недела е во грчкото Министерство за надворешни работи каде интензивно се разгледува.