Грчкиот премиер Андонис Самарас и вицепремиерот и министер за надворешни работи Евангелос Венизелос синоќа разговарале за прашањето за името на Македонија.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, Венизелос и Самарас на синоќешната средба разговарале за повеќе прашања од надворешната политика на Грција, меѓу кои и за името на нашата земја. За време на разоворот за Македонија, бил присутен и заменик-министерот за надворешни работи Димитрис Куркулас.
Венизелос уште пред пред еден месец, во своето обраќање пред Комитетот за одбрана и надворешни работи во грчкиот Парламент, најави дека на почетокот на септември ќе стартува нова рунда разговори за прашањето за името. Тој тогаш најави дека на почетокот од овој месец ќе се сретне со медијаторот Метју Нимиц.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети вчера во Атина се сретна со шефот на грчката дипломатија, по што соопшти дека Нимиц наскоро ќе го посети регионот. Шефот на неговиот кабинет Артан Груби за Радио Слободна Европа изјавил дека Нимиц наредната недела ќе престојува во Атина и Скопје.
Засега, од грчка страна нема официјална информација кога евентуално Нимиц би дошол во Атина и Акопје.
Во меѓувреме, Самарас и Венизелос се подготвуваат за учество на генералното собрание на ОН во Њујорк, на чии маргини ќе остварат контакти со повеќе светски лидери. За време на престојот во САД, најавено е дека Самарас ќе отпатува и во Вашингтон, но овој пат нема да има средба со американскиот претседател Барак Обама, туку ќе има можност да се сретне со членови на Сенатот и Конгресот, со кои на последната посета не разговараше поради годишните одмори.
Грчки дипломатски извори откриваат дека на средбите ќе се покренат и чувствителните национални прашања како што се Кипар и името на Македонија со цел официјална Атина да ја добие „понекогаш неопходната поддршка од законодавците кои имаат влијание во Белата куќа и Стејт департментот“.