Треба да се постигне напредок за конечното име на земјата, единствено во рамки со мандатот за медијацијата на Обединетите Нации. Не се отвораат разговори за прашањето за идентитет, јазик или историја, туку станува збор за обид да се најде компромис во точно утврдена рамка, вели француската амбасадорка Лоренс Оер, во интервју за Фактор.
– Како што повтори и медијаторот Метју Нимиц, за време на неговата посета на Скопје на 29 јули годинава, не се отвораат разговори за прашањето за идентитет, јазик или историја, туку станува збор за обид да се најде компромис во точно утврдена рамка. Само да напоменам дека со децении водевме комплицирани разговори за француско-германска рамка на соработка. Во 2002 година беше изготвен заеднички француско-германски учебник по историја, по десетгодишни преговори во рамки на комисии составени од историчари. Треба да се направи разлика меѓу тоа што е внатрешна политика и она за што може да се разговара во други рамки, а кое е од најголем интерес за државата – вели амбасадораката Оер.
Во интервјуто таа оценува дека процесот на проширување на Унијата не е затворен, а Франција на највисоко ниво, по средбата Оланд-Иванов, се обврза дека ќе ја подржува евроинтеграцијата на Македонија.
-Сите се надеваме дека парламентарната демократија, која е неопходна за функционирањето на државата бидејќи македонското Собрание ги одобрува законите, буџетот, реформите, ќе може набрзо повторно да функционира во присуство на опозицијата и дека кризата ќе биде надмината. Особено е важно Македонија да биде присутна во парламентарните инстанци особено во Советот на Европа, но и на средби со парламентарни делегации кои доаѓаат во Македонија. Ги повикуваме сите да работат во таа насока – вели Оер за Фактор.