Во холот на ОУ „Тошо Арсов“ во Штип, денеска се одржа првата форумска сесија од програмата „Форум на заедницата“.
На сесијата присуствуваа стотина граѓани меѓу кои претежно претставници на невладиниот сектор, општината, како и вработени во администрацијата. Она што загрижува е фактот што на сесијата видливо беше отсуството на вработените во приватниот сектор.
Сесијата ја отвори Васка Драшковиќ од Центарот за институционален развој, која истакна дека токму сесиите се најважниот дел од овој проект, бидејќи им овозможуваат на граѓаните да земат директно учество во донесувањето на одлуките од локален карактер.
Свое обраќање пред присутните имаше и градоначалникот на општина Штип, Илчо Захариев, кој посака овој форум да резултира со кавалитетни идеи и проекти, кои општината во иднина ќе ги реализира.
„Сакам заеднички овој град да го направиме поубав, така што она што вие ќе го изберете низ сите сесии, за нас ќе биде обврска да го исполниме, преку предвидените средства од околу 5 милиона денари. За нас овој проект е особено значаен, бидејќи го избираат самите граѓани“, изјави Захариев.
Присутните граѓани на крајот од сесијата, сепак, се одлучија со средствата што се обезбедени да се финансира проект од областа на образованието. Кој проект од областа на образованието ќе биде реализиран, граѓаните ќе одлучат на петтата форумска сесија, која ќе се одржи во октомври.
Општина Штип е седма општина што се вклучи со другите за избор на проект што го финансира Швајцарската агенција за развој.
Таа издвои над 40 милиони денари за повеќе општини, од кои Штип ќе добие околу 2,4 милиони денари, додека исто толку во проектот ќе вложи и локалната самоуправа. Проектот ќе биде избран по Нова година од самите граѓани, кога ќе се сондираат сите предложени идеи.
Втората фаза од програмата, која се состои во реализација на избраниот проект, ќе започне во ноември, а ќе заврши во мај следната година.