По еден час сослушување, зад затворени врати, во Врховниот суд на Грција, во Атина, заврши рочиштето по поднесената жалба за екстрадиција на Горан Грујевски и Никола Бошковски.
Одлуката судот ќе ја соопшти на ново рочиште, на 18 мај.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, неколку минути по 11,30 часот по локално време, почна рочиштето за Грујевски и Бошковски. откако претходно минаа сите останати повеќе од 20 случаи од дневниот ред. Расправата траеше еден час.
Судницата беше испразнета поради барањето од минатиот месец на двајцата адвокати од Грција судењето да се одржува зад затворени врати. Поради тоа во судницата останаа само Грујевски и Бошковски, адвокатскиот тим, двајцата преведувачи и полициското обезбедување, но и адвокатот од Македонија, кој е сведок во случајот.
На 17 мај, само ден пред да биде соопштена одлуката во Атина, во Солун е закажано рочиште за нивните фалсификувани патни исправи. Меѓутоа, со оглед на тоа дека Никола Бошковски и Горан Грујевски се во Атина, веројатно е дека судењето ќе биде одложено.
За Грујевски и Бошковски во Грција, како што веќе објави МИА, се водат три различни и меѓусебно неповрзани процеси.
Едниот е за фалсификуваните пасоши, со кои беа фатени на солунскиот аеродром, за кој судењето, по три одложувања, е закажано за 17 мај. Втроиот случај е по поднесеното барање за азил од 29 ноември. Сослушувањето пред комисијата за азил во Солун беше закажано за 15 февруари, но и одложено поради фактот дека веќе се наоѓаа во Атина.
Третиот случај се води по барањето за екстрадицијата, поднесено од македонските власти, за кој Советот на судии во Солун, на 5 јануари одлучи, Никола Бошковски и Горан Грујевски да бидат екстрадирани во Македонија, а веднаш потоа нивните адвокати поднесоа жалба против одлуката на судот, за случајот да го разглед Врховниот суд во Атина.
Во овој момент, приоритет има Врховниот суд, односно соопштувањето на одлуката за три седмици, а дури потоа ќе се одредат датумите за другите два процеси: за фалсификуваните патни исправи и барањето за азил.
По завршувањето на денешното рочиште, од Врховниот суд во центарот на Атина, двајцата поранешни началници во Управата за безбедност и контраразузнавање, повторно беа вратени во атинскиот затвор „Коридалос“, каде што се сместени од 13 февруари, по нивното префрлање од Солун во Атина.
И за денешното рочиште, исто како и за претходните три, немаше никаков интерес од медиумите во Грција, а единствен новинар во судницата беше дописничката на МИА од Атина. Тоа беше и еден од аргументите на адвокатите на Грујевски и Бошковски за барањето рочиштето да се одвива зад затворени врати.