Жените беа присутни на сите нивоа во Народно ослободителната војна и затоа треба да бидат со исправена глава. Многу луѓе ја преживеаа војната благодарение на жените, истакна денеска Тодор Атанасовски, претседател на главниот одбор на Сојузот на борците на Репубчика Македонија.
На одбележувањето на 70 години од одржувањето на Првата главна конференција на Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ) на Македонија што се одржа во Домот на АРМ, во организација на Секцијата на жени борци и Главниот одбор на Сојузот на борци на Македонија, Атанасовски заедно со неговите соборци се присетија на деновите поминати во војната 1941 – 1945. Жените во македонската народна армија 1941-1945, според Атанасовски, биле наредиле на сите позиции каде што се водела војната и на оружениот дел и на организираниот општонароден фронт.
– Жената не е само ресурс, материја, туку и субјект на таа народно ослободителна војна. Многу луѓе што ја преживејаа војната треба да им благодарат на жените. Ние бевме со оружје на фронтот, а тие со својата санитетска торбичка без оружје беа на првите линии. Ако преврзат млад човек и му го запрат крварењето ќе преживее. Многу ранети војници преживејаа благодарение на укажаната помош, истакна Атанасовски.
Изложувајќи се на ризик, Драгица Рускоска, која била болничарка за време на војната, била во првите редови да помага на повредените војници.
– Колку животи сум спасила, се изложувавме на ризик. Јас сум болничарка, каде што имаше борба таму бев и јас. На многу им го спасив животот со навремено превивање на раната. Марширав од Плачковица до Словенија за да се ослободи поранешна Југославија, вели Рускоска.
Целта на конференцијата, како што истакна Вера Бундевска од Републичкит одбор на сојузот на борците на Македонија, е да се потсетат на некои важни работи од минатото, кои можат да ни послужат да си го трасираме патот посигурно во иднината.
– Не е можно да копираме или нештата да ги повторуваме. Времињата и условите се менуваат, но можеме да извлечеме поуки. Новото време, 70 години потоа нуди нови предизвици и бара друг вид соочувања, рече Бундевска.
Во рамките на остварувањето на граѓанските права, додаде, дефинирани во декларацијата за основните граѓански права, со која се гарантира еднакво, без разлика на пол, национална, верска и друга припадност, жените на Македонија прв пат станаа полноправни граѓани со право да бираат и да бидат бирани, да учествуваат во општествено политичкиот живот, да бидат на места каде што се одлучува за битни прашња.
Седумдесетгодишниот јубилеј од конференцијата на која првпат е дефинирана и заверена рамноправноста на жените во Македонија нераскинливо е поврзан со одбележувањето на Светскиот ден на човековите права – 10 Декември, што има повеќе од симболично значење со оглед на фактот дека правата на жената кои ја гарантираат нејзината рамноправност се едни од темелните човекови права. На одржувањето на Првата главна конференција на АФЖ на Македонија, му претходеше првото заседание на АСНОМ, на кое беше прогласена новата држава на Балканот – Република Македонија. Особено значајно за жените е што на ова државотворното заседание на АСНОМ беше усвоена и Декларацијата за основните граѓански права, со која, покрај другото, се гарантираше родовата еднаквост во државата.